Излезеноста е за 12,3 процентни поени повисока отколку до истиот час на парламентарните избори во 2023 година. ЦРТА потсетува дека сите што ќе се затекнат на гласачкото место или пред него во 20 часот имаат право да гласаат

До 19 часот на предвремените парламентарни избори во Србија гласале 67,8 отсто од избирачите, покажува најновата процена на набљудувачката организација ЦРТА, со маргина на грешка од ±0,9 процентни поени. Во апсолутна бројки тоа изнесува околу 4 373 000 избирачи.
За споредба, на парламентарните избори во 2023 година излезеноста до истиот час изнесувала 55,5 отсто, односно била пониска за 12,3 процентни поени.
„Потсетуваме дека секој што во 20 часот ќе се затекне на гласачкото место или пред него има право да гласа“, наведува ЦРТА во соопштението.
Високиот одѕив беше забележлив уште од утрото, кога пред гласачките места во повеќе српски градови се формираа долги редици. Според претходните процени на ЦРТА, до 10 часот гласале 19,8 отсто од избирачите, двојно повеќе отколку во истиот период во 2023 година, а до 16 часот излезеноста достигнала 56,4 отсто.
Покрај високата излезеност, организацијата во текот на денот известуваше и за бројни неправилности и насилни инциденти надвор од гласачките места. Во попладневниот извештај наведе дека притисоци врз избирачи, членови на избирачки одбори и набљудувачи биле забележани на 29 отсто од набљудуваните гласачки места, а фотографирање гласачки ливчиња на 40 отсто.
ЦРТА предупреди дека при очекуван тесен изборен резултат и помалите неправилности може да влијаат врз исходот и ги повика политичките актери и граѓаните да се воздржат од насилство.
На денешните избори граѓаните на Србија избираат 250 пратеници во парламентот.
