Во соопштението, СДСМ бараат законот веднаш да се врати на дневен ред во Собранието и да се донесе без одложувања и без компромиси

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) дава целосна поддршка за иницијативата на ЛДП за итно донесување на Законот за ограничување на двојното државјанство на функционерите. Од партијата бараат законското решение веднаш да се врати во собраниска процедура и да се донесе без одложувања и компромиси.
Од СДСМ потсетуваат дека уште претходно предложиле доследно решение кое бара законските ограничувања да важат за сите носители на јавни функции – без исклучоци и без двојни стандарди.
Според предлогот на СДСМ, забраната за двојно државјанство треба да ги опфати пратениците од актуелниот собраниски состав, сите министри и владини функционери, директорите на јавните претпријатија и сите останати носители на јавни функции.
Во соопштението, СДСМ бараат законот веднаш да се врати на дневен ред во Собранието и да се донесе без одложувања и без компромиси.
„Вистинската независност и патриотизам се докажуваат со лојалност кон една држава – Македонија. Само не може да важи за Стоилковиќ, неговите колеги од БИА што го слават Ратко Младиќ и началникот на медиумите Латас. За големите српски националисти, агенти на службата за безбедност на Србија – не може да важи. Тие мораат да имаат две државјанства. Треба да ја спроведуваат српската и руската агенда и да се чувствуваат како дома и овде и таму“,
додаваат од СДСМ.
Денеска од Либерално-демократската партија (ЛДП) реагираа дека Законот за укинување на двојното државјанство на пратениците и функционерите сѐ уште е заглавен во собраниските лавиринти. Од партијата посочуваат дека додека власта троши народни пари за прослави за 35 години од осамостојувањето, клучните законски решенија за лојалноста на функционерите се игнорираат.
