Од ЛДП посочуваат дека предлагачите на законот, пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, молчат и го избегнуваат неговото конечно донесување

Либерално-демократската партија (ЛДП) реагира дека Законот за укинување на двојното државјанство на пратениците и функционерите сѐ уште е заглавен во собраниските лавиринти. Од партијата посочуваат дека додека власта троши народни пари за прослави за 35 години од осамостојувањето, клучните законски решенија за лојалноста на функционерите се игнорираат.
Од ЛДП посочуваат дека предлагачите на законот, пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, молчат и го избегнуваат неговото конечно донесување.
Од партијата сметаат дека како што претседателката на ЛДП и пратеничка, Моника Зајкова, веќе објави заверен нотарски акт како доказ дека поседува само македонско државјанство, истото треба да го сторат и останатите пратеници.
ЛДП бара законот да не важи само за пратениците, туку и за министрите, директорите, судиите, јавните обвинители и сите други функционери.
„Нема потреба од половични решенија, ’ќе важи за овој мандат, ќе важи за другиот мандат’, ’ќе важи за едните, ама нема да важи за другите’“,
се вели во соопштението од ЛДП.
Од партијата додаваат дека предлагачите на законот исто така треба да побараат сите актуелни носители на функција да ги достават на увид нивните досиеја и сите што поседуваат двојно државјанство да се откажат од второто или во истиот момент да си поднесат оставка.
Од партијата порачуваат дека секое одложување претставува купување време и отвора сериозни сомнежи за тоа дали извршителите на државните функции ги штитат интересите на Македонија или на друга држава.
Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ на 21 април годинава во Собранието поднесе предлог за изменување и дополнување на Законот за пратеници, каде што се предвидува еден дополнителен услов, односно пратеник во Собранието да може да стане само лице што има само македонско државјанство.
Ден подоцна лидерката на ЛДП, Моника Зајкова, ги повика своите колеги пратеници, но и сите функционери, да заверат изјава пред нотар дека немаат друго државјанство освен македонското, како и дека немале двојно државјанство во моментот кога стапиле на функцијата. Доколку се увиди дека некој имал двојно државјанство, вели Зајкова, треба веднаш да си поднесе оставка. Дополнително, таа ги повика пратениците кои се предлагачи на законските измени да побараат оставки од министрите кои евентуално имаат или имале двојно државјанство во моментот на изборот.
Од СДСМ тогаш го оценија предлог-законот на ВМРО-ДПМНЕ со кој на пратениците им се забранува да имаат двојно државјанство како „класична измама“. Иако партијата ќе даде поддршка, лидерот Венко Филипче најави амандмани со кои ќе се бара законот да ги опфати актуелните пратеници.
