Опозицијата најави дека преку амандманска интервенција ќе бара законот да добие прецизни преодни и завршни одредби – дека тие критериуми ќе важат и за актуелниот пратенички состав и дека пратениците ќе треба да дадат изјава под соодветна одговорност дека немаат и друго државјанство

Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, го оцени предлог-законот на ВМРО-ДПМНЕ со кој на пратениците им се забранува да имаат двојно државјанство како „класична измама“. Иако партијата ќе даде поддршка, Филипче најави амандмани со кои ќе се бара законот да ги опфати актуелните пратеници.
Според Филипче, во предлогот на власта не е прецизирано дали новиот закон ќе се применува веднаш.
„Се предлага закон за државјанства на пратеници и се предлага пратениците да не може да имаат двојни државјанства и тоа е добро, но никаде не е јасно кажано дека тоа ќе важи и за овој актуелен пратенички состав“,
рече Филипче на денешната прес-конференција.
Опозицијата најави дека преку амандманска интервенција ќе бара законот да добие прецизни преодни и завршни одредби – дека тие критериуми ќе важат и за актуелниот пратенички состав и оти пратениците ќе треба да дадат изјава под соодветна одговорност дека немаат и друго државјанство.
Филипче најави оти СДСМ ќе подготви законско решение кое нема да се однесува само на пратениците, туку на сите избрани и именувани лица.
„Ќе подготвиме закон со кој ќе се бара сите функционери да имаат само едно – македонско државјанство“,
додаде лидерот на СДСМ.
Предлог-законот за пратениците да не може да имаат двојно државјанство вчера е доставен до Собранието, а на денешната седница беше ставен на дневен ред пред пратениците.
Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски, вчера рече дека законското решение ќе важи и за сегашниот собраниски состав, не само за тие што ќе бидат избрани понатаму.
Денеска за предлогот на ВМРО-ДПМНЕ со реакција се јави и пратеничката и лидерка на ЛДП, Моника Зајкова, која вели дека ваквата одредба не треба да важи само за пратениците, туку и за сите избрани и именувани функционери.
Таа ги повика своите колеги пратеници, но и сите функционери, да заверат изјава пред нотар дека немаат друго државјанство освен македонското, како и дека немале двојно државјанство во моментот кога стапиле на функцијата. Доколку се увиди дека некој имал двојно државјанство, вели Зајкова, треба веднаш да си поднесе оставка. Дополнително, таа ги повика пратениците кои се предлагачи на законските измени да побараат оставки од министрите кои евентуално имаат или имале двојно државјанство во моментот на изборот.
