На прашањето од кога би требало да важи ова законско решение и дали би се однесувало на пратениците што се актуелни или, пак, ќе важи од следните избори, Стојаноски рече дека станува збор за решение што се однесува и на сегашниот собраниски состав, не само за тие што ќе бидат избрани понатаму

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ попладнево во Собранието поднесе предлог за изменување и дополнување на Законот за пратеници, каде што се предвидува еден дополнителен услов, односно пратеник во Собранието да може да стане само лице што има само македонско државјанство. Ова вечерва го објави пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски, кој рече дека поднесувањето на предлогот доаѓа како реакција на вчерашното соопштение од СДСМ во кое од партијата прашале дали дел од пратениците гласале на изборите во соседна земја.
„Во текот на вчерашниот ден излезе една вест на фејсбук-страницата на СДС во којашто сме ние неколкумина, со една прашална форма дали сме гласале на изборите во Бугарија“,
рече Стојаноски во вечерашното гостување во „Тема на денот“ на телевизија Сител.
Стојаноски напомена дека токму оние што биле наведени во вчерашното соопштение на СДСМ го поднеле овој закон.
Според него, тоа е стара вест која била актуелна пред пет години, кога тогашен министер за одбрана, а сегашен поранешен политичар во Бугарија, Красимир Каракачанов, како што вели, сакајќи да создаде тема во јавноста, набројал неколкумина, а тогаш имало и демант од нивна страна.
Стојаноски демантираше дека некој од нив поседува друго државјанство освен македонско и ги повика опозиционерите од СДСМ да излезат на прес-конференција со истото тврдење, а не да го соопштуваат од собраниска говорница.
„Јас лично не демантирав, затоа што сметав дека не треба да се даде внимание на оваа тема, но со колегите разговаравме и одлучивме да ја пресретнеме оваа лага и уште еднаш да покажеме пред јавноста со што се служи СДС и на кое ниво е падната таа политичка партија. Затоа го поднесовме овој закон со идентичен текст како пред пет години, тогаш коалицијата СДС и ДУИ не го поддржа“,
вели Стојаноски.
Кажа дека утре има пленарна седница и оти ќе побараат дополнување на дневниот ред и предлогот да се стави пред пратениците и СДСМ да се изјасни дали сега го поддржува како опозиција.
„Ако се уверени во ова има начин тоа како да го докажат, нека се обратат до одредени институции, некој од нив нека излезе, ама да не биде од собраниска говорница, нека даде прес-конференција. Секако дека ќе го тужиме“,
истакна Стојаноски.
Тој дополни дека станува збор за партија која ги губи судските спорови, но вели и дека повторно ќе најдат начин како ова да го заобиколат.
„Ете, ние сме потпишани на овој закон, утре ќе можат да се изјаснат дали го поддржуваат или не. Ако го изгласаат, ако се тие во право, ние петмина повеќе нема да бидеме пратеници, но јас мислам дека и овој пат или ќе најдат некаков начин ова да го заобиколат или повторно ќе треба да ги слушаат оние што и во минатиот период ги слушаа, а тоа е ДУИ“,
додаде Стојаноски.
Тој кажа и дека за овој предлог разговарале со коалициските партнери и оти тие немаат ништо против ова законско решение.
„По новиот Деловник што го изгласа претходното мнозинство ова е еден од оние закони што, за жал, може да биде предмет на поднесени амандмани. Минатиот пат ДУИ беше партијата што беше против со поддршка на СДСМ. Ете, да видиме утре како ќе се изјаснат. Мислам дека овој закон во оваа правна форма ќе има секако мнозинство за да продолжи понатаму во системот во Собранието“,
рече тој.
На прашањето од кога би требало да важи ова законско решение и дали би се однесувало на пратениците што се актуелни или, пак, ќе важи од следните избори, Стојаноски рече дека станува збор за решение што се однесува и на сегашниот собраниски состав, не само за тие што ќе бидат избрани понатаму.
„Нашиот мотив беше сега да ги расчистиме овие дилеми, но сметаме и дека некој што одлучува за најважните акти во државата треба да биде граѓанин што поседува државјанство само од една држава“,
додаде тој.
Смета дека понатаму може да се разговара да бидат вклучени и други функционери, но нагласи дека законските решенија треба да бидат во согласност со Уставот.
