Членовите на синдикатите на универзитетите во Битола, Тетово, Штип, Охрид и „Мајка Тереза“ во Скопје пред неколку дена на протест побараа потпишување на колективен договор на петте јавни универзитети и изедначување на правата, обврските и одговорностите со Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје
Собранието денеска на 147 седница го донесе Законот за дополнување и измени на Законот за високото образование, откако претходно бил разгледан од Комисијата за образование, наука, спорт и за политички систем, каде што не биле поднесени амандмани и немало дополнителни предлози за расправа.
За време на утврдувањето на дневниот ред на оваа седница, пратеникот Арбр Адеми од Демократската унија за интеграција (ДУИ) рече дека со дополнувањата на Законот за високо образование ќе се унифицираат платите на сите државни универзитети, со што, според него, ќе се постигне усогласување на коефициентите и ќе им се овозможи ист статус на вработените на сите универзитети.
Со дополнување и измените на Законот за високо образование се усогласуваат коефициентите за исплата на плата и законски се доведуваат во рамноправна положба сите вработени во јавните високообразовни установи.
Членовите на синдикатите на универзитетите во Битола, Тетово, Штип, Охрид и „Мајка Тереза“ во Скопје пред неколку дена на протест побараа потпишување на колективен договор на петте јавни универзитети и изедначување на правата, обврските и одговорностите со Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје.
Според нив, за поздравување е потпишувањето и спроведувањето на Колективниот договор на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ од Скопје, но укажуваат дека има нееднаков статус на останатите пет јавни универзитети во земјата. Тие сметаат дека се игнорирани и дискриминирани од Владата и од Собранието во однос на УКИМ, чии вработени со потпишаниот Колективен договор од овој месец ќе добијат зголемување на платите за околу 22 отсто.
Техничкиот премиер Талат Џафери вчера рече дека протестите на вработените во петте државни универзитети се само во функција на дневни политики пред изборите.
„Според Изборниот законик, не е дозволено потпишување никакви колективни договори во предизборен период. Решението за оваа состојба е да завршат изборите“,
рече тој.
Џафери рече дека по негова иницијатива во март 2023 година организирал средба со сите пет државни универзитети, кои немале склучено колективен договор, на која присуствувале ректорите на Државниот универзитет во Тетово, универзитетот „Мајка Тереза“, на Штипскиот универзитет „Гоце Делчев“, на Битолскиот универзитет „Климент Охридски“. На средбата не дошол претставник на Универзитетот во Охрид. Тој ги упатил според примерот на УКИМ како да подготват колективен договор, како тој треба да изгледа, а тие ги доставиле документите до Собранието кон крајот на 2023 година.
Во меѓувреме, вели Џафери, веќе бил определен датум за претседателски и парламентарни избори, а според договорот од Пржино и роковите за техничка влада, партиските органи на кои припаѓа решиле тој да биде новиот технички премиер. Затоа во тој период не можел да ги заврши правните работи за усвојување и потпишување на колективните договори со универзитетите, рече тој, и додаде дека за две недели веќе ја презел функцијата премиер.
Пред неколку дена и претседателот на Собранието, Јован Митрески, изјави дека со цел да ја надминеме нерамноправната положба на вработените во петте државни универзитети: „Гоце Делчев“ – Штип, „Св. Климент Охридски“ – Битола, Државниот универзитет во Тетово, Универзитетот „Св. Апостол Павле“, како и во Универзитетот „Мајка Тереза“, била донесена одлука да предложат измени на Законот за високото образование со кои ќе се регулира коефициентот за исплата на плата на вработените во јавните високообразовни установи, со што ќе се обезбеди соодветно покачување на платите за сите.
Над 3 000 вработени на најстариот државен универзитет во земјава „Свети Кирил и Методиј“ – Скопје од февруари е предвидено да добиваат за околу 22 отсто повисоки плати согласно поединечниот колективен договор склучен меѓу УКИМ и Собранието во декември 2022 година.