На јавната набавка распишана од Град Скопје пристигнаа понуди од „Бошава ДООЕЛ“ од Кавадарци во вредност од 2,2 милиони евра и од скопскиот „Спектартермо ДОО“ во вредност од 2,46 милиони евра без ДДВ
Според техничката спецификација, новите катни гаражи ќе се градат кај Клиниката за гинекологија и во близина на хелиодромот, со што капацитетите треба да се зголемат од сегашните 1 007 на вкупно 1 507 паркинг места
Колку пати треба да се сними истиот хаос за конечно да се најде решение? „360 степени“ е само еден од медиумите што во повеќе наврати ги вклучи камерите во клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје и секогаш – иста слика. Очајна потрага по паркинг место со прекршување на сите можни сообраќајни правила за да се стигне до лекарски преглед, некогаш, исто, очајно потребен.
360°: Господине колку време барате паркинг?
„Повеќе од два часа.
360°: Два часа се вртите тука? Ве нервира ова?
„А што ќе правиме?“,
рече еден возач.
„Половина час чекам да влезам.“
360°: И уште пола саат ќе чекате да паркирате?
„Дали ќе најдам? Зашто по неколкупати можам и да излезам. И тоа ми се случувало“,
рече друг возач.
При едно од снимањата меревме колку време ќе ни биде потребно за да најдеме паркинг место.

Тргни, запри, врати се, појди, почекај… Од еден паркинг на друг низ слабо обележани улички со уништени сообраќајни реквизити. И конечно – бинго. Ни требаше нешто повеќе од половина час за да го најдеме единственото паркинг место на кое наидовме во близина на Инфективната клиника.
Но, за пациентите и нивните семејства секоја изгубена минута во лавиринтот од паркирани возила значи дополнителен стрес.
„Јас денеска дојдов со другар ми. Крводарител сум. Саат време не можеме паркинг да најдеме. Само се вртиме тука и пак не можевме да најдеме. Синот го оставив да ја мрда колата лево-десно. Навистина е претерано овде“,
вели пациент со кој поразговаравме.
Повторно сме на терен во кругот на Клинички. Од последното наше снимање досега како ништо да не се сменило. Иако во меѓувреме имаше еден новитет.

Во јуни минатата година Министерството за здравство потпиша меморандум за соработка со хотелот Лимак, што е во непосредна близина на Клинички. Со тоа се обезбеди паркинг простор за 300 возила, наменет за вработените во Клиничкиот центар. Како што нè информираа од Министерството, оваа мерка и денес функционира. Но граѓаните со кои поразговаравме велат дека нема големо подобрување на терен.
„Исто е. Како што гледам тука сè е исто. Нема нешто подновено.“
„Да ти кажам ова е ужасна работа. Не е ништо поместено од животот откако ја знам државна болница.“
360°: Дали во последно време има подобрување во паркингот?
„Ништо, ништо. Полошо и полошо“,
рекоа пациентите со кои поразговаравме на Клинички.
Некои го предлагаат истото решение што го бараат со години.
„Може да се направи некоја гаража, да не речам, убава гаража, да ги задоволи сите потреби и да се врви како што треба“,
вели друг пациент.
Град Скопје: Две понуди за изградба на две монтажни катни гаражи
Во март годинава, Министерството за здравство и Град Скопје потпишаа договор за изградба на монтажни гаражи во рамки на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, како што претходно тоа го најави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
„Ќе треба сериозни компании да се јават имајќи предвид дека тие паркиралишта ќе ги користат наши сограѓани и треба да бидат што е можно најдобро изработени со највисоки стандарди и квалитет, така што верувам дека има македонски компании кои можат да го изведат тоа“,
рече Орце Ѓорѓиевски – градоначалник на Град Скопје (1 февруари 2026 г.).

Град Скопје распиша јавна набавка за изградба на катни гаражи, а отворањето на понудите се одржа во вторникот, на 27 октомври. Се пријавија две компании.
Едната е „Бошава ДООЕЛ“ од Кавадарци чија понуда е работата да ја заврши за речиси 136 милиони денари (135 808 400 денари) без ДДВ или за два милиона и 200 илјади евра. Втората компанија е „Спектартермо ДОО“ од Скопје чија понуда е речиси 152 милиона денари (151 663 428 денари) без ДДВ или два милиони 460 илјади евра.
На интернет-страницата на кавадаречката фирма пишува дека се занимаваат со проектирање и производство на челични конструкции и разни наменски метални продукти. Сопственик на компанијата е бизнисменот Миле Јанчев. Постојат од 1992 година, а лани имале приходи од 4 милиони 300 илјади евра.
Претендентот од Скопје, пак, е компанија која се претставува како активна во енергетскиот и градежниот сектор. Има четворица сопственици – Предраг Милиќевиќ, Миле Стојановиќ, Душан Стојановиќ и Валентина Силјановска. Формирана е во 1991 година, а минатата година имала приходи од 10 милиони 800 илјади евра.

Според техничката спецификација, ќе се градат две катни гаражи – едната на паркингот кај Клиниката за гинекологија на површина од 3 103 квадратни метри, а другата на паркингот во близина на хелиодромот на површина од 4 933 квадрати. Најавено е дека двата објекта треба да обезбедат 500 нови паркинг места. Во моментов на Клинички има 1 007.
„Договорот е на 15 години со закупнина со висина од 10 отсто од вкупниот остварен промет и со него овозможуваме модернизација и значително зголемување на капацитетите за паркирање за околу 50 проценти“,
изјави Азир Алиу – министер за здравтсво (7 март 2026 г.).

Таравари имаше идеја за јавно-приватно партнерство
Монтажни катни гаражи се решение за кое се зборува повеќе од една деценија, од различни министри за здравство, од различни политички гарнитури. Во таа насока тргна Министерството за здравство кога на чело на ресорот беше Арбен Таравари. Во март минатата година тој објави дека компанијата „Ѓока констракшн“ од Албанија преку јавно-приватно партнерство ќе стопанисува со паркингот на Клинички и ќе изгради монтажни гаражи. За возврат државата би добила еден отсто од вкупно остварените годишни приходи од милионскиот бизнис.
„Да имавме ние можност да инвестираме сами како Министерство за здравство, се согласувам дека Министерството тоа да го работи отколку да се даде некому да профитира од тоа. Меѓутоа, бидејќи е направена физибилити студија, јас мислам дека ова е едно решение наместо да нема никакво решение. Ако оставиме вака да продолжи, јас мислам ќе има огромно незадоволство од луѓето коишто секојдневно доаѓаат, а не се малку“,
рече Арбен Таравари – министер за здравство (1 февруари 2025 г.).

Но, јавниот притисок придонесе уште истиот месец да се поништи целата постапка.
Физибилити студија
„360 степени“ ја објави физибилити студијата за која зборуваше Таравари. Таа ја разработува оправданоста за јавно-приватно партнерство и првпат е изработена за време на министерувањето на Никола Тодоров, меѓу 2011 и 2017 година. Документот потоа е ажуриран низ годините.
Според една од верзиите на документот до која дојде „360 степени“, предвидени се две сценарија за изградба на монтажни гаражи.
Првото сценарио предвидува изградба на околу 1 210 нови паркинг места преку три катни гаражи. Според консултантот кој ја работел студијата, во таков случај инвестицијата би чинела 11,7 милиони евра, па се предлага концесија на 20 години за евентуалниот приватен инвеститор да има економски интерес.
Второто сценарио, пак, предвидува 843 паркинг места преку поставување на два објекти. Во тој случај, инвестицијата на евентуалниот приватен партнер е процената на 5,2 милиони евра, па се разработува концесија во времетрање од 15 години.

Актуелниот обид да се реши паркингот на Клинички со инвестиција на Град Скопје, наликува, но не е иста на втората варијанта од физибилити студијата. Според техничката спецификација, се поклопуваат локациите – едната кај Клиниката за гинекологија, а другата меѓу Ургентниот центар и Клиниката за трансфузиологија. Но, според изјавите на градоначалникот, тоа ќе донесе 500 нови паркинг места, а во студијата беа проектирани 843. Разликата е во тоа што сега се предвидуваат катни гаражи со приземје и еден кат, а во студијата со приземје и два ката.
Кој и кога евентуално ќе почне да ги гради и тие 500 места, ќе се знае во следните неколку недели. Според јавната набавка, пресудна е цената, но претстои проверка и на документацијата на пријавените компании кои треба да исполнат повеќе услови за да ја докажат својата способност.
