Разликата меѓу двајцата кандидати падна од 14,6 на 8,2 проценти поени

Предноста на Илијана Јотова пред противкандидатот Андреј Ѓуров се намалува, покажува новата излезна анкета што ја објавува Дневник.бг.
До 14:30 часот, по бугарско време, Јотова има 52,4 проценти, а Ѓуров 44,2 отсто. За опцијата „не поддржувам никого“ се изјасниле 3,4 проценти од анкетираните гласачи. Излезеноста до 14:30 часот изнесува 17,1 процент.
Предноста на Јотова сега изнесува 8,2 процентни поени, наспроти 14,6 што ги имаше во пресекот до 12:30 часот. Тогаш излезеноста беше 9,6 проценти.
Податоците се анкетни процени додека гласањето сè уште трае, а не официјални изборни резултати.
Гласањето трае до 20 часот по бугарско време, односно во 19 часот по македонско време, а има можност тоа да биде продолжено за еден час ако пред избирачките места има граѓани што чекаат да гласаат.
На изборите победува кандидатската двојка што ќе добие повеќе гласови.
