Во споредба со првиот круг од изборите, одржан на 18 октомври, излезеноста во истиот период од денот е зголемена за 4,71 процентен поен

До 11 часот денеска на изборите за градоначалник на Општина Брвеница излегле да гласаат 2 245 граѓани, што е излезеност од 13,82 отсто, информираа од Државната изборна комисија (ДИК). Тоа значи дека за два часа, меѓу пресеците на ДИК во 9 и во 11 часот, гласале вкупно 1 599 граѓани. Во споредба со првиот круг од изборите, одржан на 18 октомври, излезеноста во истиот период од денот е зголемена за 4,71 процентен поен.
Пред две недели во овој период до 11 часот гласале 1 480 гласачи или 9,11 проценти од вкупниот број на запишани гласачи, сега се 13,82 отсто односно 2 245.
Според ДИК, најголема излезеност до 11 часот се забележува во избирачкото место станува 2044, 22,12 проценти, додека најмала на избирачкото место 2047 каде има 5,33 проценти.
Претседателот на Државната изборна комисија, Бојан Маричиќ, при денешната посета на три избирачкиместа во Општина Брвеница, рече дека гласачите слободно и без сериозни проблеми излегуваат на гласање, а за тоа, според него, укажува и излезеноста.
Во однос на заштитата на личното избирачко право рече дека до 11 часот до ДИК е доставен еден приговор кој е усвоен и на гласачот му е овозможено да гласа.
„Ние на трите места каде што поминавме секаде течеше нормално, некаде каде што имаше повеќе метеж и повеќе обиди за идентификација, сите беа успешни, така што она што го видовме ние е еден зголемен интерес, но и нормален тек на гласањето“,
рече Маричиќ.
Државната изборна комисија изутринава ги стави во функција бесплатната телефонска линија на која граѓаните можат да се информираат за прашања кои се од интерес на остварување на избирачкото право, како и телефонскиот број кој е наменет за лица со оштетен слух.
Претходно, од ДИК информираа дека излезеноста на гласачите до 9 часот изнесува 3,98 проценти, што е зголемување за 1,52 процентни поени во споредба со истиот период во првиот круг од изборите.
