Портпаролката на ДИК, Радица Тодоровска-Алексовска, информираше дека гласањето започнало во 7 часот и дека сите избирачки места биле навремено отворени. Засега, како што посочи, изборниот процес се одвива во мирна атмосфера

Излезеноста во вториот круг од предвремените избори за градоначалник на Општина Брвеница до 9 часот изнесува 3,98 проценти, што е зголемување за 1,52 процентни поени во споредба со истиот период во првиот круг од изборите, информираа од Државната изборна комисија (ДИК).
Според ДИК, своето право на глас до 9 часот го оствариле 646 граѓани, а на 18 октомври, во истото време таа бројка изнесувала 400, односно 2,46 проценти од запишаните избирачи.
Од ДИК велат дека најголема излезеност до 9 часот е регистрирана на избирачкото место 2037, каде што гласале 8,7 проценти од избирачите, додека најмала излезеност има на избирачкото место 2048, со 1,25 проценти.
Портпаролката на ДИК, Радица Тодоровска-Алексовска, информираше дека гласањето започнало во 7 часот и дека сите избирачки места биле навремено отворени. Засега, како што посочи, изборниот процес се одвива во мирна атмосфера.
На предвремените избори за градоначалник на Општина Брвеница, граѓаните избираат меѓу двајца кандидати, а право на глас имаат вкупно 16 256 избирачи, кои гласаат на 24 избирачки места.
Од ДИК потсетуваат дека за граѓаните и во вториот круг е достапна бесплатната телефонска линија 0800 555 44, на која можат да добијат информации за прашања поврзани со остварувањето на избирачкото право.
За лицата со оштетен слух, пак, достапен е телефонскиот број 076 488 360, на кој преку видеоповик можат да добијат информации на знаковен јазик.
