„Решението е да се чека да се завршат изборите. Собранието е основач. Собранието ниту е политичка партија ниту е личност. Собранието е државна институција, и тоа највисок орган. Во кој било формат по изборите продолжува процедурата започната по однос на барањата. Кој и да е претседател на Собранието и кој и да е составот на наредното мнозинство ќе мора да го овласти претседателот на Собранието затоа што актуелниот по избори физички нема време да го прави тоа. Во време на избори не може да пристапи кон ова, значи решението е да продолжи постапката по изборите“, рече техничкиот премиер
Протестите на вработените во петте државни универзитети се само во функција на дневни политики пред изборите. Според Изборниот законик, не е дозволено потпишување никакви колективни договори во предизборен период. Решението за оваа состојба е да завршат изборите. Ова денеска на прес-конференција го изјави техничкиот премиер Талат Џафери за барањето на членовите на синдикатите на универзитетите во Битола, Тетово, Штип, Охрид и „Мајка Тереза“ во Скопје за потпишување колективен договор на петте јавни универзитети и изедначување на правата, обврските и одговорностите со Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје.
Според техничкиот премиер, како претседател на Собранието, кое, пак, е законски основач на Универзитетот „Кирил и Методиј“, склучил колективен договор со Синдикатот, кој исто така во негов мандат бил регистриран и основан на УКИМ. Колективниот договор беше склучен на 29 декември 2022 година, а стапи во сила за осум дена, но се применува од 1 јануари 2024 година, затоа што во претходниот буџет веќе било предоцна да бидат предвидени пари за таа намена, односно за покачување на платите на вработените“
рече тој.
Џафери рече дека по негова иницијатива во март 2023 година организирал средба со сите пет државни универзитети, кои немале склучено колективен договор, на која присуствувале ректорите на Државниот универзитет во Тетово, универзитетот „Мајка Тереза“, на Штипскиот универзитет „Гоце Делчев“, на Битолскиот универзитет „Климент Охридски“. На средбата не дошол претставник на Универзитетот во Охрид.
Тој ги упатил според примерот на УКИМ како да подготват колективен договор, како тој треба да изгледа, а тие ги доставиле документите до Собранието кон крајот на 2023 година.
Во меѓувреме, вели Џафери, веќе бил определен датум за претседателски и парламентарни избори, а според договорот од Пржино и роковите за техничка влада, партиските органи на кои припаѓа решиле тој да биде новиот технички премиер.
Затоа во тој период не можел да ги заврши правните работи за усвојување и потпишување на колективните договори со универзитетите, рече тој, и додаде дека за две недели веќе ја презел функцијата премиер.
„Со закон за работни односи е предвидена соодветна процедура за евалуација на пристигнатите нацрт колективни договори. Имав само 14 дена на функцијата претседател на Собранието, по што ја презедов функцијата премиер. За 14 дена Марсовец да сте не можете да завршите процедури и постапки за да завршите одредени акти. Овен тоа, со распишувањето на изборите, според Изборниот законик, не е дозволено потпишување никакви колективни договори во предизборен период“,
рече Џафери.
Според него, некоректно се направила фама од барањето за потпишување на колективни договори за петте државни универзитети, како и со најавувањето на протести.
Според него, секој има право на протест и штрајк, но решението е оваа постапка да продолжи по изборите.
„Решението е да се чека да се завршат изборите. Собранието е основач. Собранието ниту е политичка партија, ниту е личност. Собранието е државна институција и тоа највисок орган. Во кој било формат по изборите продолжува процедурата започната по однос на барањата. Кој и да е претседател на Собранието и кој и да е составот на наредното мнозинство ќе мора да го овласти претседателот на Собранието затоа што актуелниот по избори физички нема време тоа да го прави. Во време на избори не може да пристапи кон ова, значи решението е да продолжи постапката по изборите. Имајќи предвид дека искуствено оние слабости што ги имаше барањето на УКИМ веќе се надминати затоа што имаа сите примерок од содржината како треба да изгледа целината на договорот го имаа од УКИМ како пример, им го дадов уште таму кога беа кај мене, така што полесно ќе може да се заврши процедурата,
рече тој.
Вели дека тие не биле дискриминирани бидејќи немале формирано навремено синдикати и не ги подготвиле колективните договори на време.
„Немаа синдикати, затоа што дел од професорите беа по инерција членови на синдикати, општи синдикати во МОН. И кога виделе на примерот на УКИМ коишто земале и читале закони па требале да имаат самостоен синдикат како самостојна институција, на тој пример. Значи, како се дискриминирани? Колку време постојат универзитетиве, најновиот е УНК – значи Универзитетот „Мајка Тереза“. Па зошто не формираа навреме синдикати да имаат како што ги формираа после кога им укажав дека треба да прават тоа“,
вели Џафери.
Членовите на синдикатите на универзитетите во Битола, Тетово, Штип, Охрид и „Мајка Тереза“ во Скопје пред два дена на протест побараа потпишување на колективен договор на петте јавни универзитети и изедначување на правата, обврските и одговорностите со Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје. Доколку не бидат исполнети барањата на синдикатите на петте јавни универзитети, велат дека идните активности ќе ги дефинираат во консултации со поширокото членство.
Според нив, за поздравување е потпишувањето и спроведувањето на Колективниот договор на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ од Скопје, но укажуваат дека има нееднаков статус на останатите пет јавни универзитети во земјата. Тие сметаат дека се игнорирани и дискриминирани од Владата и Собранието во однос на УКИМ, чии вработени со потпишаниот Колективен договор од овој месец ќе добијат зголемување на платите за околу 22 отсто.
Од Министерството за образование и наука велат дека ја поддржуваат секоја идеја за зголемување на платите која денеска на протест ја побараа синдикатите на петте државни универзитети и велат дека доколку постои волја во Собранието за потпишување на колективен договор, како институција ќе учествуваат во преговорите.