„Вашата храброст, пожртвуваност и несебична поддршка беа од непроценливо значење за успешно надминување на оваа сериозна состојба“, им порача кавадаречкиот градоначалник на сите што учествуваа во гаснењето на пожарот
По три дена, пожарот во кавадаречкото село Раец е целосно изгаснат. Ова вечерва на Фејсбук го соопшти градоначалникот Митко Јанчев објавувајќи фотографии од тимот пожарникари и доброволци што изминатите денови учествуваа во неговото гаснење.

„Во овие исклучително тешки моменти уште еднаш се потврди силата на солидарноста и несебичната посветеност на сите служби и поединци што деноноќно беа на терен во борбата со огнената стихија“,
напиша тој на Фејсбук.
Упати благодарност до Противпожарните единици на Кавадарци и Неготино, на ЈП „Комуналец“-Кавадарци, Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Центарот за управување со кризи (ЦУК), Општата болница во Кавадарци, Шумско стопанство „Бор“, Министерство за внатрешни работи, Армијата, ОВР Кавадарци, Граничната полиција – Југ, доброволните противпожарни друштва, како и на сите доброволци и жители на селата Раец и Дреново, кои, како што вели, на различни начини помогнаа во гаснењето на пожарот.
„Вашата храброст, пожртвуваност и несебична поддршка беа од непроценливо значење за успешно надминување на оваа сериозна состојба“,
рече Јанчев.
Попладнево од Центарот за управување со кризи (ЦУК) соопштија дека пожарот што веќе неколку дена е активен кај кавадарeчките села Раец, Ќесендре и Дреново е ставен под контрола, но дека се работи на негово целосно гаснење.
