„Со оглед на тоа што основач на државните универзитети е Собранието, доколку таму постои волја за потпишување колективен договор и со другите универзитети, освен со УКИМ, како институција ќе учествуваме во преговорите, затоа што наставно – научниот кадар заслужува повисоки плати“, велат од МОН
Од Министерството за образование и наука велат дека ја поддржуваат секоја идеја за зголемување на платите која денеска на протест ја побараа синдикатите на петте државни универзитети и велат дека доколку постои волја во Собранието за потпишување на колективен договор, како институција ќе учествуваат во преговорите.
„МОН и министерот Јетон Шаќири ја поддржуваат секоја идеја за зголемување на платите на вработените во образовните институции без разлика дали се во основното, средното или високото образование. Со оглед на тоа што основач на државните универзитети е Собранието, доколку таму постои волја за потпишување колективен договор и со другите универзитети, освен со УКИМ, како институција ќе учествуваме во преговорите, затоа што наставно – научниот кадар заслужува повисоки плати“,
велат од МОН за МИА.
Изјавата од Министерството доаѓа откако денеска на мирен протест излегоа членовите на синдикатите на универзитетите во Битола, Тетово, Штип, Охрид и „Мајка Тереза“ во Скопје, на кој побараа потпишување на колективен договор и изедначување на правата, обврските и одговорностите со Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“-Скопје.
Според нив за поздравување е потпишувањето и спроведувањето на колективниот договор на Универзтитетот „Свети Кирил и Методиј“ од Скопје, но укажуваат дека има нееднаков статус на останатите пет јавни универзитети во земјата. Тие сметаат дека се игнорирани и дискриминирани од Владата и Собранието во однос на УКИМ, чии вработени со потпишаниот колективен договор од овој месец ќе добијат зголемување на платите за околу 22 отсто.
Доколку не бидат исполнети барањата на синдикатите на петте јавни универзитети, велат дека, идните активности ќе ги дефинираат во консултации со поширокото членство.
Денеска и претседателот на Собранието Јован Митрески рече дека со цел да се надмине нерамноправната положба на вработените во петте државни универзитети: „Гоце Делчев“- Штип, „Св. Климент Охридски“ – Битола, Државен Универзитет во Тетово, „Св. Апостол Павле“, како и во Универзитетот „Мајка Тереза“, на денешната координација била донесена одлука да се предложат измени на Законот за високото образование со кои ќе се регулира коефициентот за исплата на плата на вработените во јавните високообразовни установи, со што ќе се обезбеди соодветно покачување на платите за сите.
Ваквата одлука, за која биле информирани, денеска на протестот ја потврди и ректорот на Универзитетот Св. Климент. Охридски“ – Битола Игор Неделковски.