Синдикатите на универзитетите во Битола, Тетово, Штип, Охрид и „Мајка Тереза“ во Скопје велат дека е за поздравување потпишувањето и спроведувањето на Колективниот договор на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ од Скопје, но укажуваат дека има нееднаков статус на другите пет јавни универзитети во земјата
Велат дека се игнорирани и дискриминирани од Владата и Собранието во однос на УКИМ, чии вработени со потпишаниот колективен договор од овој месец ќе добијат зголемување на платите за околу 22 отсто
Членовите на синдикатите на универзитетите во Битола, Тетово, Штип, Охрид и „Мајка Тереза“ во Скопје денеска на протест побараа потпишување на колективен договор на петте јавни универзитети и изедначување на правата, обврските и одговорностите со Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје. Доколку не бидат исполнети барањата на синдикатите на петте јавни универзитети, велат дека идните активности ќе ги дефинираат во консултации со поширокото членство.
Според нив, за поздравување е потпишувањето и спроведувањето на Колективниот договор на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ од Скопје, но укажуваат дека има нееднаков статус на останатите пет јавни универзитети во земјата. Тие сметаат дека се игнорирани и дискриминирани од Владата и Собранието во однос на УКИМ, чии вработени со потпишаниот Колективен договор од овој месец ќе добијат зголемување на платите за околу 22 отсто.
Вработените во Универзитетот за информатички науки и технологии „Свети Апостол Павле“ од Охрид упатија порака до надлежните институции дека спроведуваат дискриминација кон нив и преостанатите четири јавни високообразовни институции.
„Ние имаме ист статус и извршуваме идентична општествена дејност. Со овој протест сакаме да го искажеме нашето незадоволство и воедно бараме потпишување и на нашите колективни договори или изнаоѓање законска рамка за пристапување кон колективниот договор од УКИМ. Во спротивно, во координација со останатите четири јавни универзитети во државата ќе ги дефинираме следните чекори за продолжување на овој штрајк, се до исполнување на нашите барања“,
рече Игор Јовески, претседател на синдикатот на вработени на Универзитетот „Свети Апостол Павле“ од Охрид.
Поддршка на синдикатот на битолскиот Универзитет „Свети Климент Охридски“ му даде ректорот Игор Неделковски, кој нагласи дека денеска во посета бил техничкиот премиер Талат Џафери, на кој му предочил дека ваквата ситуација, без разлика кои се причините, значи не само правен акт на дискриминација, туку и девалвација.
„Професорите, вработените и студентите на сите јавни универзитети се вработуваат под еднакви услови и извршуваат еднакви работни задачи. Оваа состојба значи дека нашите професори и вработени се 22 проценти помалку вредни од професорите на УКИМ. Но, што е уште пострашно тоа води кон тоа дека нашите студенти посетуваат 22 отсто понеквалитетна настава бидејќи добиваат знаење од професори и вработени, кои се за 22 проценти помалку платени од своите колеги“,
рече Неделковски.
Неделковски рече дека добил порака од претседателот на Собранието Јован Митрески во која било наведено дека на денешната координација на пратеничките групи донеле одлука да предложат измени на Законот за високо образование, со кои ќе се регулира коефициентот за исплата на плата на вработените во јавните високообразовни установи, со што ќе се обезбеди соодветно покачување на платите на сите.
И вработените во Државниот универзитетот во Тетово, меѓу кои и тројца актуелни пратеници, пред зградата на Ректоратот го изразија незадоволството за непотпишувањето на колективните договори и побараа од Собранието, пред да се распушти да се потпише колективниот договор.
„На претседателот на синдикатот му дадовме една копија за дополнување на Законот за високо образование. Воедно, да се солидаризираме со протестот и да понудиме решение затоа што сме дел од ова семејство, но и сме дел од политиката и да најдеме решение за ова прашање. Ова е сè уште отворено прашање, но очекуваме оваа недела да се донесе Предлог одлука“,
изјави Арбер Адеми.
Синдикатите, според претседателот на Универзитетот во Тетово, Шефкет Дехари, се обединети и го делат истото мислење дека непотпишувањето на колективниот договор со петте јавни универзитети и пресметување на платите на вработените се игнорирани и дискриминирани од Собранието и Владата.
Претседателот на синдикатот при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, Андон Мајхошев, посочи дека бараат начин како да се изедначат правата, обврските и одговорностите на сите пет јавни универзитети во државата.
„Нашите активности се социјални, не е поврзано со политички партии. Нашите барања произлегуваат од потребите и интересите на вработените преку потпишување колективен договор на сите вработени, почнувајќи од хигиеничар завршувајќи до титулата редовен професор. Изградивме солидарност и единство меѓу синдикатите на петте јавни универзитети и нашите активности се во насока да ги оствариме нашите права и интереси, а тоа е да се зголеми платата на сите вработени преку потпишување на колективниот договор“,
изјави Мајхошев.
Порака дека надлежните спроведуваат двојни стандарди, дискриминација и нееднаквост беше испратена и од протестот пред Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје, чиј претседател Авни Авдиу во изјава за МИА посочи дека го изразуваат својот став и негодување дека се игнорирани и дискриминирани од Собранието и на Владата, откако колективен договор е потпишан само со Универзитетот „Свети Кирил и Методиј’.
На овие универзитети има 1 500 вработени, додека УКИМ има вкупно 3 200 вработени лица.