Зоран Милески Кичеец денеска од затворот „Скопје“ во Шуто Оризари е префрлен во Казнено поправниот дом во Струга.
Телма ТВ објави дека Апелацискиот суд во Гостивар го укинал 30-дневниот притвор кој му беше определен во рамки на случајот со сообраќајката во која загина 34-годишно лице, по што тој е вратен во струшкиот затвор на доизвршување на казната.
И од затворот во Шуто Оризари, за „360 степени“ потврдија дека по укинувањето на притворот Кичеец е префрлен во КПД Струга.
Кичеец е правосилно осуден на тригодишна затворска казна, која ја доби откако призна вина во случајот „Рекет“. Тој веќе одлежа повеќе од половина од казната и истата ја издржува во струшкиот затвор, кој е отворен тип што значи дека има можност да излегува за работа, да користи викенд и годишен одмор.
На почетокот на август тој добил 30-дневен прекин во издржувањето поради, како што објаснија од Управата за извршување санкции, здравцствени причини.
Додека траеше прекинот, на 4 септември, возејќи автомобил „мерцедес“ тој учествуваше во тешка сообраќајка на патот Гостивар-Кичево во која имаше седум повредени и еден загинат. Гостиварското обвинителство отвори и истрага во која го сомничи токму Кичеец за предизвикување на несреќата и бараше притвор за него.