Судот во Гостивар го прифатил барањето на обвинителството за одредување притвор за осомничениот за сообраќајката кај Стража, во која животот го загуби 34 – годишен гостиварец
Зоран Милевски Кичеец, еден од осудените за случајот „Рекет“ од попладнево е префрлен во притвор во затворот во Шуто Оризари. Телма објави дека Основниот суд во Гостивар му одредил 30 дневен притвор на Кичеец, кој е осомничен дека ја предизвикал сообраќајната несреќа близу Стража, во која загина 34 – годишен гостиварец.
Основното јавно обвинителство Гостивар донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице осомничено за кривично дело “тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“, според член 300 став 2 во врска со член 297 став 1 од Кривичниот законик. За сообраќајката што се случи за време на викендот, Обвинителството го осомничи возачот на „мерцедесот“ со кичевски регистарски ознаки, во кој имало уште двајца сопатници од Србија, кои се меѓу четворицата потешко повредени учесници во сообраќајката.
Барањето за притвор обвинителството го поткрепи со аргументација дека опасност од бегство, можност за влијание врз сведоците/оштетените и можност за повторување на делото.
Кичеец е осуден на тригодишна затворска казна откако призна вина во случајот „Рекет“, за кој се осудени и Бојан Јовановски – Боки 13 и Катица Јанева. Затворската казна почна да ја издржува лани во октомври Казнено-поправниот дом во Струга, а во овој период (до утре) имал 30-дневен прекин, поради здравствени причини.
На Милески му е одобрен 30-дневен прекин на издржувањето на казната затвор, поради влошена здравствена состојба, за што тој доставил и специјалистички извештаи од лекарски прегледи, во кои е наведено дека пациентот се јавил на преглед поради проблеми со срцето, градна болка, видлива агитираност… кои се јавиле после интезивен психички и физички стрес, информираа од Управата за извршување санкции, по сообраќајката во која учествуваше осудениот за „Рекет“.