Најголема поддршка, односно 40,7 отсто од гласовите на бугарските државјани во Македонија, освоила претседателската двојка Илијана Јотова и Кирил Валчев
Вкупно 352 бугарски државјани гласале на седумте избирачки места во Македонија на вчерашните избори за претседател и потпретседател на Бугарија. Најголем број гласови освоила кандидатската двојка Илијана Јотова и Кирил Валчев, соопшти Централната изборна комисија (ЦИК) на Бугарија.

„Претседателската двојка Илијана Јотова и Кирил Валчев освои 40,7 отсто од гласовите на бугарските државјани на вчерашните избори во Северна Македонија. Двојката Андреј Ѓуров и Георги Кандев се најде на второто место со 25,6 отсто од гласовите, а Костадин Костадинов и Петар Волгин се на третото место со 14,5 отсто од гласовите дадени во земјата. Податоците се засноваат на 99,84 отсто од записниците обработени од ЦИК“,
соопштија од Централната изборна комисија на Бугарија.
Бугарските државјани во Македонија гласаа на седум избирачки места. Во Скопје гласале 105 избирачи, 49 државјани на Бугарија гласале во Генералниот конзулат во Битола, 51 во Охрид, 44 во Струмица, 39 избирачи во Кавадарци и по 32 бугарски државјани гласале на избирачките места во Кочани и во Прилеп.
Вкупниот број гласачи во Македонија вчера беше помал од излезeноста на предвремените парламентарни избори во април годинава, кога 461 бугарски државјанин го искористи своето право на глас.
