Според директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов, се очекува пожарот целосно да биде изгаснат во наредните неколку часа. Засега нема информации за обемот на загадување предизвикан од согорувањето на опасните материи
Пожарот кој вчера претпладне избувна во магацин на фабрика за бои и лакови во тетовското село Фалише е сè уште активен, и покрај интервенцијата на противпожарните екипи кои гаснеле цела ноќ, информира утрово директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов.

„Пожарот во тетовското село Фалише е сè уште активен. Иако со значително намален обем, сè уште има пламен и чад. Тетовските пожарникари гаснеа непрекинато во текот на целата ноќ и продолжуваат со гаснење“,
вели Ангелов.
Според него, се очекува пожарот целосно да биде изгаснат во наредните неколку часа.
Пожарот во фабриката избувна вчера околу 10:30 часот, а од снимките кои беа објавени може да се видат густ црн чад и пламен како излегуваат од објектот на магацинот, во кој изгореа голема количина бои, лакови и други хемикалии.
Од Центарот за јавно здравје, чии екипи беа на терен, препорачаа граѓаните да останат дома и да не излегуваат без потреба бидејќи согорувањето на вакви материи создава отровни и штетни гасови во воздухот.
„Во моментов имаме јаглен моноксид, јаглен диоксид, пожарникарите се изложени. Диоксини и фурани се опасни материи, штетни материи. Наша препорака е без потреба да не се биде на ова место и во радиус од два километри. Луѓето да бидат дома и да не излегуваат. Потоа ќе се испита водата и почвата“,
изјави вчера попладне д-р Ратко Давидовски од Центарот за јавно здравје.
Поради големите количини на хемикалии кои изгореа во пожарот, првиот човек на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов, изјави дека од Одделот за биолошко и хемиско оружје во Армијата е побарано да се испита колкаво е загадувањето.
„Се работи за голема количина на бои и лакови, и други хемикалии. Зборував со сопственикот и се работи за голема количина, можеби и 100 тона, не можат да утврдат колку точно колку средства имало во моментот. Стапивме во контакт и со Армијата од одделот за биолошко и хемиско оружје кои минатиот пат кога имаше голем пожар ги искористивме за испитување на постоење на отрови во воздухот“,
изјави вчера директорот на ЦУК.
Засега нема информации за обемот на загадување предизвикан од согорувањето на опасните материи.
Покрај тетовските, во гаснењето на пожарот учествувале и пожарникари од Скопје, Гостивар, Велес и Куманово.
Командирот на тетовската противпожарна бригада, Авни Амети, вчера информира дека огнот е ставен под контрола и дека е спречено пожарот да се прошири на друг објект во близината на магацинот на фабриката.