Средба од тој ранг се води во кабинет, во сала, со агенда и записник. Не во ходник. Не раскопчан. Не без вратоврска. Не со раце во џебови. Нема основна култура. Нема почит кон институција и кон соговорник. Нема политички бонтон
Опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ), преку писмена реакција, упати остри критики до премиерот Христијан Мицкоски, наведувајќи дека разговор во ходник со американскиот државен секретар Марко Рубио го претставува како официјална средба на високо ниво.

Инаку, за разговорите со Рубио, Мицкоски информира преку објава на својот фејсбук-профил, каде постави и неколку фотографии, од кои може да се види тој е заедно со министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски. Како што напиша премиерот, овие разговори имаат особено значење и се потврда за важноста на стратешкото партнерство и континуираниот дијалог меѓу Македонија и Соединетите Американски Држави.
Од друга страна, пак, од СДСМ, воо соопштението велат дека средби од тој ранг се водат во кабинет, во сала, со агенда и со записник, а не во ходник.
„Страшно е човек што ја води владата на земјата, неформално муабетење во ходник да го претстави како официјална средба. Средба од тој ранг се води во кабинет, во сала, со агенда и записник. Не во ходник. Не раскопчан. Не без вратоврска. Не со раце во џебови. Нема основна култура. Нема почит кон институција и кон соговорник. Нема политички бонтон. Како од пазар. Ама после изјавата дека тој е институција, што би имал почит кон други институции. Обезбедување што го следи (затоа што е сепак загрозена личност, се виде по Фејсбук) во маици со кратки ракави и дречливи бои“,
велат од Социјалдемократскиот сојуз.
Од опозициската партија го критикуваат и начинот на кој премиерот е облечен на фотографиите што тој ги објави од разговорот со американскиот државне секретар Марко Рубио.
„Часовници од шеесет илјади евра. Неиспеглан костим и кошула од десет илјади евра – да ја импресионира американска бирократија. Еве како нè претставува самопрогласената елита. Како во кафеана. Додека сопствениот народ го нарекува талог, елитата баш се покажа. На ниво“,
се додава во реакцијата од „Бихаќка“.
Оттаму се осврнуваат и на бројноста на делегацијата што со Мицкоски е во САД, како и на досегашните резултати од посетата на земјата.
Според социјалдемократите, со премиерот во Вашингтон и Њујорк отпатувале 50 луѓе на државен трошок, а резултатот од разговорите што македонската делегација ги имала со претставници на американските институции е пет милиони долари за рудник за антимон кај селото Луке во Крива Паланка.
„Знаете ли колку е тоа малку? За заштита на животна средина, на подземни води, на воздух од прашина од ископ – не стигнува ни десет пати повеќе. Антимонот не е леб и не е плата. Тоа е метал за воена индустрија. Се копа, се дроби, се топи. Од јаловината влегува во почва, во бунар, во растение. СЗО има строг лимит во вода за пиење. Европа такви ископи ги запира затоа што отровот останува, профитот заминува. Пет милиони на туѓа компанија за природен ресурс значи три работи – државата сама не работи, нема буџет за луѓето и за реките околу Крива Паланка; се дава нанадвор поради провизија“,
велат од СДСМ.

Од опозиоциската партија прават парабола со прославата на 35-годишнината од независноста, наведувајќи дека власта за манифестациите по тој повод потрошила 5,53 милиони евра народни пари од Лотарија, а кои требало да завршат во буџетот.
Според СДСМ, прославата на независноста е посакапа од „стратешката инвестиција“ со која Мицкоски ќе се врати од САД.
„Ова не е дипломатија, ова е екскурзија. Ходникот не е кабинет. Грантот не е рудник. Нема агенда. Нема заедничко соопштение од Стејт департментот. Нема потпис. Има ходник и фејсбук-статус на арамијата Мицкоски – институција, елита. Тоа не е политика туку режија. Македонија не се мери со ходник. Се мери со тоа што останува во земјата откако ќе си заминат. Останува јаловина. И сметка. Ходникот не е Белата куќа. Фејсбук-статусот не е договор. Македонија не станува посериозна затоа што премиерот здогледал државен секретар. Станува посериозна кога ќе престане да лаже арамијата“,
обвинуваат од опозициската партија.
