Екипа на Центарот за јавно здравје, која е на терен, препорачува граѓаните да останат дома и да не излегуваат без потреба бидејќи, како што информираат, согорувањето на вакви материи создава отровни и штетни гасови во воздухот
Голема количина на бои, лакови и друг вид хемикалии изгореа во пожарот во фабриката во тетовско Фалише.
Екипа на Центарот за јавно здравје, која е на терен, препорачува граѓаните да останат дома и да не излегуваат без потреба бидејќи согорувањето на вакви материи создава отровни и штетни гасови во воздухот.
„Во моментов имаме јаглен моноксид, јаглен диоксид, пожарникарите се изложени. Диоксини и фурани се опасни материи, штетни материи. Наша препорака е без потреба да не се биде на ова мести и во радиус од два километри. Луѓето да бидат дома и да не излегуваат. Потоа ќе се испита водата и почвата“,
изјави д-р Ратко Давидовски од Центарот за јавно здравје.

Поради големите количини на хемикалии кои изгореа во пожарот, првиот човек на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов, изјави дека од Одделот за биолошко и хемиско оружје во Армијата е побарано да се испита колкаво е загадувањето.
„Се работи за голема количина на бои и лакови, и други хемикалии. Зборував со сопственикот и се работи за голема количина можеби и 100 тона, не можат да утврдат колку точно колку средства имало во моментот. Стапивме во контакт и со Армијата од одделот за биолошко и хемиско оружје кои минатиопт пат кога имаше голем пожар ги искористивме за испитување на постоење на отрови во воздухот“,
изјави Ангелов.
Пожарот во фабриката за бои и лакови во тетовското Фалише избувнал утринава околу 10:30 часот. Покрај тетовските, во гаснењето на пожарот учествувале и пожарникари од Скопје, Гостивар, Велес и Куманово.
Командирот на тетовската противпожарна бригада, Авни Амети, информираше дека огнот е ставен под контрола и дека е спречено пожарот да се прошири на друг објект во близината на магацинот на фабриката.