До крајот на оваа недела ќе преовладува променливо облачно и посвежо време со сончеви периоди. Од попладневните часови од петок повторно се очекуваат врнежи

Времето денеска ќе биде променливо облачно со сончеви периоди, информираат од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР). Во попладневните и во вечерните часови ќе има повремени локални врнежи од дожд кои ќе продолжат и во текот на ноќта. Локално процесите ќе бидат во форма на краткотрајно невреме проследени со пороен дожд, засилен ветер и појава на грмежи. Ќе дува засилен ветер од северен правец, кој долж Повардарието ќе достигнува брзина од 40 километри на час. Утринската температура ќе биде од 10 до 17 Целзиусови степени, а дневната ќе се движи од 24 до 32 степени.
Во Скопје, времето денеска ќе биде променливо облачно и топло со сончеви периоди и со слаб ветер од северен правец. Попладне во делови од котлината ќе има повремени врнежи од дожд и засилен ветер. Температурата ќе се движи од 16 степени наутро до 28 во текот на денот.
За утре метеоролозите најавуваат сончево, посвежо и ветровито време со мала до умерена облачност. Во планинските региони ќе има услови за појава на слаб локален дожд. Ќе дува умерен до засилен, а наместа вдолж Повардарието повремено силен северен ветер кој ќе надминува брзина од 60 километри на час.
До крајот на оваа недела ќе преовладува променливо облачно и посвежо време со сончеви периоди. Од попладневните часови од петок повторно се очекуваат врнежи.
