Не е познато кога ќе биде донесена конечната одлука, но некои американски претставници очекуваат таа да биде објавена за време или веднаш по Генералното собрание на ОН

Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп подготвува пошироки санкции против Меѓународниот кривичен суд (МКС) што би можеле сериозно да го попречат неговото финансирање и работење, објавува „Волстрит журнал“. Ова е нова ескалација на притисокот од САД откако МКС издаде налог за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.
„Волстрит журнал“, повикувјќи се на документи од американските претставници, пишува оти санкциите би ги забраниле повеќето трансакции со МКС по преоден период од шест до седум месеци. Судот на тој начин би можел да ја изгуби можноста да работи со американски долари и да биде отсечен од голем дел од глобалниот финансиски систем.
Не е познато кога ќе биде донесена конечната одлука, но некои американски претставници очекуваат таа да биде објавена за време или веднаш по Генералното собрание на ОН.
САД веќе воведоа санкции врз голем број претставници на МКС, вклучувајќи ја претседателката на судот Томоко Акане, неколку судии, заменик-обвинители и обвинителот што го води случајот против Нетанјаху и други израелски претставници. Новите мерки би биле многу пошироки бидејќи би влијаеле на самата работа на институцијата, а не само на поединци.
Американскиот државен секретар Марко Рубио во јули изјави дека Вашингтон е подготвен да го распушти МКС „цигла по цигла“ доколку е потребно. Тој тврди дека судот го загрозува американскиот суверенитет бидејќи покренува постапки против граѓани на земји кои не се негови членки.
Ниту САД ниту Израел не се членки на МКС. Рубио, сепак, во 2022 година како сенатор го поддржа повикот Судот да истражи можни руски воени злосторства во Украина, иако Русија не е членка на МКС.
Односите меѓу Вашингтон и МКС нагло се влошија откако Судот издаде налози за апсење во 2024 година за Нетанјаху и тогашниот израелски министер за одбрана Јоав Галант по обвинение за воени злосторства и злосторства против човештвото поврзани со војната во Газа.
МКС истовремено побара налози за апсење против лидерите на Хамас за нападот од 7 октомври 2023 година, но тие оттогаш се убиени.
Европските земји и Јапонија објавија дека ќе се обидат да го заштитат Судот од американски притисок. Една опција што се разгледува е ЕУ да бара од своите банки да продолжат да соработуваат со МКС, но сè уште не е јасно како би изгледале таквите мерки во пракса.
