Листата за санкции на САД, вели премиерот, е насочена кон лица кои работат спротивно на доброто владеење односно на нашата интеграција во ЕУ, владеењето на правото и на демократијата

Листата за санкции или т.н. црна листа не била тема на средбата што премиерот Димитар Ковачевски утрово ја имаше во Владата со советникот на Стејт департментот, Дерек Шоле, кој денеска од Скопје ја започна посетата на регионот.
Како што рече премиерот, со Шоле разговарале за енергетската безбедност, справувањето со економската криза, претседавањето со ОБСЕ, евроинтеграциите и борбата со корупцијата и владеењето на правото.
По новинарско прашање во врска со црната листа на САД за наши функционери, Ковачевски појасни дека тоа е активност што САД ја спроведуваат во рамки на нивната Стратегија за борба против корупцијата објавена од страна на американскиот претседател, во која се точно наведени активностите коишто се преземаат како во САД така и во држави коишто се нивни партнери, како што е и Северна Македонија.
„Ние сме земја партнер на САД и таа црна листа, односно листа за санкции е насочена токму кон лица коишто работат спротивно на практиките на добро владеење, меѓутоа и коишто го попречуваат патот кон целосно демократско општество во државите партнери на САД, а кај нас се однесува на интеграција во ЕУ, владеењето на правото и целосното владеење на демократијата во државата. Американските истражители беа во државава, меѓутоа нивната работа предвид ја имаат американските органи со коишто ние сме практично во партнерски односи и со кои имаме стратегиски дијалог“,
подвлече Ковачевски.
Американскиот тим за санкции во земјава пристигна на почетокот на декември 2022 година и престојуваше неколку дена.
Во своите претходни изјави, Ковачевски кажа дека немал средба со нив, а не ја исклучи можноста црната листа да биде дополнета со имиња на актуелни функционери.
Такво нешто најави и претседателот Стево Пендаровски кој во интервју во емисијата „Само вистина“ на Канал 5 ТВ рече откри дека тимот се состоел од тројца дипломати од Стејт департментот.
„Знам само неколку работи бидејќи не можам и не треба повеќе да изнесувам. Стануваше збор за тројца дипломати во Стејт департмент кои беа тука во мисија на собирање информации што се случува на политичката сцена, во бизнис сферата и во правосудството. Во виталните сектори на општеството. Од аспект на тоа утре, задутре, да ја дополнат таа т.н. црна листа или како се нарекува официјално лица и ентитети кои се под санкции на Америка“,
рече Пендаровски во интервјуто емитувано на 22 декември 2022 година.
Пред доаѓањето на американскиот тим во земјава, проширување на листата најави и заменик-помошникот државен секретар на САД за Западен Балкан, Габриел Ескобар, велејќи дека САД ќе продолжат со воведувањето санкции за корумпирани политичари бидејќи досегашните санкции дале резултати.
Последен пат црната листа беше ажурирана во април лани кога на неа САД ги додадоа поранешниот премиер Никола Груевски и неговиот братучед и поранешен шеф на УБК, Сашо Мијалков.