Зборувајќи за евроинтеграциите на Северна Македонија, пак, тој посочи дека земјава ги направила сите неопходни реформи за да ја отвори првата врата кон ЕУ, и оти верува дека владата ќе има капацитет да го направи она што е потребно за да биде полноправна членка на Европа
САД ќе воведат дополнителни чекори за да ги санкционираат корумпираните официјални лица, рече заменик-помошникот државен секретар на САД за Западен Балкан Габриел Ескобар, на настан за евроатлантската иднина на регионот во Атлантскиот совет во Вашингтон, пренесува „Гласот на Америка“.
„Апсолутно. Тоа е важна алатка. Ефективна е. Мислам, не само што беше ефективно да се санкционираат поединци, туку ако погледнете дел од наративот што Министерството за финансии го објавува заедно со одлуката, ќе ја видите длабочината на корупцијата“,
рече Ескобар.
Лидерите порача тој, треба да преземат акција и да ги отстранат овие луѓе од одговорни позиции.
Треба да ги тргнат тие луѓе од партиските списоци. И ова важи за сите држави во регионот“, вели Ескобар.
Зборувајќи за евроинтеграциите на Северна Македонија, пак, тој посочи дека земјава ги направила сите неопходни реформи за да ја отвори првата врата кон ЕУ, и оти верува дека владата ќе има капацитет да го направи она што е потребно за да биде полноправна членка на Европа.
„Тие ќе бидат добар партнер, ќе бидат посветен партнер и ќе бидат такви што ќе обезбедат придобивки и за ЕУ“,
рече тој.
Ескобар нагласи и дека процесот на пристапување треба да биде побрз, потенцирајќи ги внатрешните грижи во Унијата.
За потсетување, меѓу последните кои САД ги сместија на црната листа се поранешниот премиер Никола Груевски и ексшефот на УБК Сашо Мијалков со нивните потесни семејства. Објаснувањето од американската влада беше дека ова е одговор на нивната вмешаност во значителната корупција.
„Нивните постапки го поткопаа владеењето на правото, демократските институции и јавните процеси во двете земји и ја нарушија довербата на јавноста во владите. Додека беше премиер, Груевски беше вмешан во коруптивни дела кои вклучуваа искористување на неговото политичко влијание и моќ за лична корист. Постојат веродостојни информации дека Груевски ја злоупотребил моќта на својата функција за да бара и зема мито во замена за владини договори, присвојувал државни средства и се мешал во изборните процеси за да има политичка корист за себе и за неговата партија“,
пишуваше во одлуката на Стејт департментот објавена во април годинава.