„Државната лотарија е државна. Парите на Државната лотарија се народни пари. Кога државна компанија плаќа од дивидендата за концерти и прослави на Владата – тоа се пари на граѓаните. Нема ‘нула денари’. Има префрлање на трошокот од еден џеб на државата во друг“, се вели во реакцијата од СДСМ
Опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ) како уште една лага на премиерот Христијан Мицкоски ја оцени неговата изјава дека за концертот на Дејвид Гета и за другите настани организирани по повод прославата на Денот на независноста биле потрошени „нула денари“ од државниот буџет.

Од СДСМ, во тој контекст, прашуваат дали тоа што Државна лотарија, која, како што објавија дел од медиумите, ги спонзорирала настанатите поврзани со прославата на 35 години од независноста, не се смета како трошење на народни пари бидејќи станува збор за акционерско друштво кое е во сопственост на државата.
Социјадемократите реагираат и на делот од изјавата на премиерот дека сè било организирано со поддршка на општествено одговорни компании, без да каже кои се тие.
„Уште една лага на Мицкоски. Само лаги. Човекот кога ќе ја отвори устата – лаже. Не знаеме дали и самиот почна да верува во сопствените лаги, бидејќи неверојатно е некој да мисли дека граѓаните можат да поверуваат во вакви бесмислени лаги. Државната лотарија е државна. Парите на Државната лотарија се народни пари. Кога државна компанија плаќа од дивидендата за концерти и прослави на Владата – тоа се пари на граѓаните. Нема ‘нула денари’. Има префрлање на трошокот од еден џеб на државата во друг“,
се вели во реакцијата од СДСМ.
Оттаму упатуваат критики до Владата и до премиерот наведувајќи дека власта има пари за, како што велат, спектакли кои се претставуваат како бесплатни, додека во исто време државната каса е празна, нема пари за плати, пензии и субвенции на земјоделците и се планира ново задолжување во износ од повеќе од една милијарда евра.
„Мицкоски, граѓаните не се идиоти. Гледаат каде одат парите. И знаат дека ‘нула денари’ е само уште една лага“,
наведуваат од СДСМ во реакцијата.
Премиерот Мицкоски денеска, одговарајќи на новинарско прашање, ги отфрли сите критики и шпекулации околу трошоците за манифестациите со кои се одбележаа 35 години од независноста велејќи дека организацијата на сите музички настани низ земјава ги чини граѓаните и државниот буџет нула денари. Тој посочи дека целата организација била финансирана од општествено одговорни компании, но не кажа за кои точно станува збор.
Порача дека сите заинтересирани можат да ја проверат платформата „Отворени финансии“, каде што ќе се уверат дека за овие настани не се потрошени народни пари.
„Жалам што кај поединци работи Фројд, што мислат како тие би правеле, дека и некој друг прави така. Но, оваа влада е домаќинска, оваа влада е промакедонска, која се грижи за граѓаните и секој денар буџетски средства се троши на транспарентен начин“,
изјави денеска Мицкоски.

Одговорот на Мицкоски следува откако изминативе денови во јавноста е актуелно прашањето колку пари се платени за синоќешниот настап на Дејвид Гета на стадионот „Тодор Проески“ во Скопје, со кој беше заокружена прославата на 35 години од независноста на државата.
Инаку, „Призма“ денеска објави дека договорот со „Авалон продукција“ која ги организираше музичките настани по повод Денот на независноста, вклучително и концертот на францускиот диџеј Дејвид Гета, одел преку Државна лотарија, која за тоа објавија оглас на 28 април годинава со спецификации што точно се бара од потенцијалниот организатор на прославата.
Единствена компанија која се јавила на огласот, како што изјавил директорот на Лотарија, Александар Климовски, била „Авалон“ преку својата фирма „Стардаст“.
Тој за „Призма“ посочил сите прашања што ги имаат за сумата за прославите за 35 години од независноста да ги постават во Владата.
Во понеделникот сопственикот на „Авалон продукција“, Бобан Милошески, беше прашан зошто досега не е објавена сумата на договорот и дали во него има клаузула што го спречува тоа, на што тој одговори со две контрапрашања до новинарката – „Дали ти изгледам јас како идиот? Јас кажав за што е пресот, имате да поставите прашање во контекст на пресот?“
Откако новинарката рече дека тоа е прашањето, Милошески продолжи наведувајќи дека прес-конференцијата е во функција на безбедноста и организацијата на концертот на Дејвид Гета, додека за она за што се интересира претставничката на еден од медиумите што го следеа пресот треба да одговорат од Владата.
