Од МВР упатија апел до сите учесници во сообраќајот доследно да ги почитуваат правилата и прописите и со одговорно однесување да придонесат за безбеден сообраќај

Системот за сообраќаен надзор „Безбеден град“ од оваа сабота започнува со работа и на подрачјето на Секторот за внатрешни работи Велес, соопшти Министерството за внатрешни работи (МВР).
По завршените технички проверки и финални тестирања, камерите поставени на сообраќајниците низ Велес и околината ќе бидат целосно ставени во функција.
Од МВР велат дека со активирањето на системот ќе се овозможи поголема сообраќајна дисциплина и засилена и континуирана контрола на сите клучни сообраќајници.
Исто така, навремено ќе се откриваат и евидентираат сообраќајните прекршоци и ќе се унапреди безбедноста на патиштата.
Од МВР упатија апел до сите учесници во сообраќајот доследно да ги почитуваат правилата и прописите и со одговорно однесување да придонесат за безбеден сообраќај.
Од МВР кон крајот на минатиот месец најавија дека до крајот на септември, освен на подрачјето на СВР Велес, системот „Безбеден град“ треба да биде воведен и на територија на СВР Охрид, односно во Охрид, Струга, Кичево и околните населени места.
Потоа, ќе следуваат СВР Струмица и СВР Штип. До крајот на годината системот се очекува да биде воведен и на територија на СВР Битола.
Засега системот „Безбеден град“ е имплементиран на коридорите 8 и 10, како и на териториите што ги покриваат секторите на внатрешни работи Скопје, Куманово и Тетово.
