„Нека не се изненадат оние што глумат дека се моторџии и не ги почитуваат правила дека ќе бидат предмет на санкционирање од страна на системот ‘Безбеден град‘“, рече министерот
Според него, пронајдено е технично решение со кое прекршоците што ги прават мотоциклистите може автоматски да се регистрираат на територијата на која е имплементиран системот
Камерите на „Безбеден град“ од вчера почнаа да ги детектираат и мотоциклите што возат со брзина поголема од дозволената, соопшти во вечерашното гостување во вестите на телевизија Сител министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.

Ваквата информација рече дека ја соопштува ексклузивно во јавноста и нагласи дека е пронајдено технично решение со кое прекршоците што ги прават мотоциклистите може автоматски да се регистрираат на територијата на која е имплементиран системот.
„Нека не се изненадат оние што глумат дека се моторџии и не ги почитуваат правила дека ќе бидат предмет на санкционирање од страна на системот ‘Безбеден град‘“,
кажа тој.
Според него, целта на мерката е да се зголеми безбедноста на самите мотоциклисти, но и на другите учесници во сообраќајот, нагласувајќи дека во август од шест жртви во сообраќајни несреќи во четири управувале мотоцикл.
„Официјално со денеска би требало да ги имаме првите бројки на казнети моторџии преку автоматскиот систем на ‘Безбеден град‘ што го имаме имплеметирано. Најдовме технички начин како и тие да бидат констатирани во рамки во справувањето на прекршокот за возење со недозволена брзина“,
вели Тошковски.
Претходно, како што посочи, биле изрекувани само казни за поминување на црвено од страна на моторџиите, но отсега ќе се констатираат и казни за управување мотоцикл со брзина поголема од дозволената.
До крајот на септември „Безбеден град“ и на територија на СВР Велес и СВР Охрид
Засега системот „Безбеден град“ е имплементиран на коридорите 8 и 10, како и на териториите што ги покриваат секторите на внатрешни работи Скопје, Куманово и Тетово.
Најави дека следно системот ќе се воведе и на територијата на СВР Велес, која ги опфаќа Велес, Кавадарци, Неготино и населените места во нивна околина. Таму се очекува „Безбеден град“ да профункционира до средината на септември.
Дотогаш, како што додаде, системот треба да биде воведен и на територија на СВР Охрид, односно во Охрид, Струга, Кичево и околните населени места.
Потоа, ќе следуваат СВР Струмица и СВР Штип. До крајот на годината системот се очекува да биде воведен и на територија на СВР Битола.
Мобилна апликација „Безбеден град“ и за македонските граѓани
Тошковски најави и активирање мобилна апликација „Безбеден град“ за онлајн плаќање на сообраќајните прекршоци за македонските граѓани.
Апликацијата засега е наменета само за возила со странски регистраски таблички.
Посочи дека бил изненаден од големиот број прекршоци направени од странски возачи што транзитираат низ земјава и додаде дека законите мора еднакво да се применуваат и кон домашните и кон странските возачи.
Од почетокот на 2026 година во сообраќајни несреќи загинале 59 лица, додека во истиот период минатата година имало 96 жртви, што како што вели претставува намалување од 35 отсто.
