Како што стои во соопштението, Јанева била користена за пресметка и реваншизам против неистомислениците, а Стевчо Јакимовски бил неформален коалициски партнер за пресметка со ВМРО-ДПМНЕ

Ставањето на „црната листа“ на поранешната обвинителка Катица Јанева и Стевчо Јакимовски од ГРОМ покажува дека корупцијата цвета во Македонија, вели ВМРО-ДПМНЕ во писмената реакција на одлуката на САД да се додадат овие две имиња на листата.
Според партијата, додавањето на новите имиња е „удар за СДС“ бидејќи оттаму сметаат дека и двете лица се поврзани со нивниот политички конкурент.
Како што стои во соопштението, Јанева била користена за пресметка и реваншизам против неистомислениците, а Стевчо Јакимовски бил неформален коалициски партнер за пресметка со ВМРО-ДПМНЕ.
„Ставањето на ‘црната листа’ на Јанева и Јакимовски и нивните смејства го потврдува она коешто ВМРО-ДПМНЕ изминатите седум години јавно го говори, а тоа е дека институциите во Македонија наместо да функционираат во интерес на граѓаните, тие ги штитат криминалците. Ставањето на ‘црната листа’ на поранешната обвинителка Катица Јанева и Стевчо Јакимовски од ГРОМ покажува дека корупцијата цвета во Македонија“,
се наведува во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.
Според ВМРО-ДПМНЕ, „железната тупаница“ како што ја нарекуваат Катица Јанева, а која се очекувало да донесе правда, денеска е прогласена за непожелна личност во САД, поради криминал и корупција.
„СДС даваше најголема поддршка на СЈО и Јанева, злоупотребувајќи го судството и обвинителството за пресметка со неистомисленици. Каде им се сега маичките со ликот на Јанева на функционерите од СДС денеска кога истата беше прогласена за непожелна личност на САД?“,
се додава во соопштението.
За градоначалникот на Карпош, Стевчо Јакимовски велат дека излегол од коалиција со ВМРО-ДПМНЕ, а направил „неформална коалиција со СДС и Ковачевски“.
„На СДС и Ковачевски устите им се полни со прозападни вредности, со проевропски фронт, а всушност се во коалиција со луѓе криминализирани до гуша. Ковачевски само со такви корумпирани лица може да биде во коалиција“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Американскиот Стејт департмент денеска именуваше повеќе функционери од Западен Балкан на „црната листа“, меѓу кои и поранешната специјална главна обвинителка на Северна Македонија, Катица Јанева и актуелниот градоначалник на Карпош и кандидат за претседател на Северна Македонија, Стевчо Јакимовски, како и членовите на нивните потесни семејства.
Во извештајот се вели дека постапките на Јанева и Јакимовски ги поткопале владеењето на правото и вербата на јавноста во демократските институции и јавните процеси во земјата.
Американската амбасадорка во земјава, Анџела Агелер во изјава што на својот фејсбук-профил ја пренесе амбасадата вели дека САД ќе продолжат да ги именуваат официјалните лица од која било партија, структура на власта, или заедница, коишто се вмешани во значителна корупција.
Од СДСМ, пак, во реакцијата по проширувањето на „црната листа“ на САД со нови имиња, побараа итно да биде донесен законот за рестриктивни мерки и го повикуваат пратеникот Антонијо Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ, кој раководи со собраниската Комисија за надворешна политика, веднаш да го стави на дневен ред, а Мицкоски и ДПМНЕ да го поддржат и законот да биде усвоен.