Работната група функционира во континуитет, се состанува, одржува средби на кои се разговара за првичните мерки како Влада треба да ги обезбедиме за пензионерите, со посебен фокус на пензионерите со пониски пензии. Во текот на утрешниот ден повторно е закажана средба на работната група, вели Тренчевска
До крајот на овој месец се очекуваат конкретни предлози во однос на пензиите, и тоа со фокус на пензионерите со ниски месечни примања, вели министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска.
Според неа, работната група континуирано се состанува i во моментот се разгледуваат сите можности за ова прашање, а додава и дека за утре е закажан нов состанок.
„Работната група функционира во континуитет, се состануваат одржуваат средби на кои се разговара за првичните мерки кои како Влада треба да ги обезбедиме за пензионерите, со посебен фокус на пензионерите со пониски пензии. Во текот на утрешниот ден повторно е закажана средба на работната група. Сега сите институции, односно претставниците на институциите дебатираат за она што е реална состојба во државата, во работната група се споделуваат податоците за да можеме да пристапиме кон креирање социјални мерки за пензионерите со ниски пензии. Очекувам до крајот на месецот да имаме конкретни предлози, кои ќе бидат претставени и пред медиумите и пред пензионерите“,
рече денеска Тренчевска одговарајќи на новинарско прашање по посетата на Црвен крст во Пробиштип.
Одлуката за формирање на работната група беше донесена минатиот месец по состанокот на Тренчевска со Сојузот на здруженија на пензионери на Македонија, кој следуваше по протестот на пензионери во Скопје, на кој тие ги изнесоа своите барања, меѓу кои, линеарно зголемување од 3 500 денари на сите пензии, како и продолжување на усогласување на износот согласно новата методологија воспоставена минатата година, како и одредување на минималната пензија во износ 80 отсто од минималната плата.
Целта на формирањето на работната е да предложи решенија кои ќе бидат одржливи во однос на утврдување на износот на минимална пензија, но и за други видови пакети мерки за помош и поддршка на пензионерите. Работната група е составена од претставници на МТСП, од Владата и Сојузот на пензионери и од Фондот на пензиското и инвалидското осигурување.
За 20 септември, пак, најавен е нов голем протест на пензионерите.