Предлозите на пензионерите кои протестираат веќе ги имаме добиено и тие ќе бидат ставени на разгледување од работната група во која ќе бидат вклучени и претставници на Сојузот на здружениja на пензионери со цел да се изнајде заедничко решение, вели Тренчевска
Барањата на пензионерите кои протестираат ќе бидат разгледани од работната група во која покрај претставници од институциитe, ќе бидат вклучени и претставници на Сојузот на здружениja на пензионери со цел да се изнајде заедничко решение, изјави денеска министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска по пуштањето во употреба на нова градинка во општина Пробиштип.
„Предлозите на пензионерите кои протестираат веќе ги имаме добиено и тие ќе бидат ставени на разгледување од работната група. Значи, за оние првични предлози јавноста ќе биде информирана, како и пензионерите кои протестираат“,
вели Тренчевска одговарајќи на новинарско прашање дали претставници од иницијативните одбори на пензионерите кои протестираат ќе бидат вклучени во работната група.
Сојузот на пензионери не е против барањата на пензионерите кои протестираат, вели Тренчевска. Тие сакаат барањата да ги стават во рамки на институциите за да дојдеме заеднички до решение.
На прашањето дали се размислува за било какво линеарно зголемување на пензиите, барање од кое пензионерите не отстапуваат и велат дека треба да биде 3 500 денари или, пак, во септември ќе има само усогласување за трошоците за живот, Тренчевска рече дека прво ќе се чека на мислење од Уставниот суд и од правната експертска јавност.
„Усогласувањето е согласно новата методологија која е два пати во годината и дава одлчини резултати во однос на покачувањето на пензиите во периодот од 2022 година до денеска. 26 отсто е зголемена пензијата на секој еден од 336 илјади пензионери во државата. За линеарното усогласување ќе биде доставено барање за стручно мислење и од Уставниот суд доколку дадат стручно мислење – иницијатива и до законодавно-правната комисија меѓутоа ќе побараме и од правната експертска јавност за да видиме дали линеарното покачување е во согласност со Уставот и Законото за пензиско и инвалидско осигурување. Секако овие предлози ќе бидат ставени по нив да се дискутира и на работната група која ја формиравме на последната седница на Владата“,
рече Тренчевска.
Таа потврди дека во септември ќе има усогласување на пензиите согласно закон и оти се очекуваат податоците од Државниот завод за статистика за да се види колкав ќе биде процентот.
Меѓу главните барања на Иницијативниот одбор на пензионерите кои протестираа низ градовите во земјава се линеарно зголемување на пензиите за 3 500 денари и изедначување на минималната пензија со минималната плата во државата.
Во вторникот, Владата на седница ја разгледа и усвои Информацијата од Министерството за труд и социјална политика за формирање работна група за разгледување предлози за прашањето за најниската пензија во државата, како и пакет мерки за помош и поддршка на пензионерите.