Дека поранешниот претседател е виновен за упадот во Конгресот, гласаа седум републиканци во Сенатот, но за двотретинско мнозинство недостигаа уште 10. Сепак, овој импичмент на Трамп му обезбеди место во историјата по две основи
Поранешниот претседател на САД, Доналд Трамп, се спаси и од вториот импичмент подигнат против него. Во Сенатот (Горниот дом на Конгресот) заврши судењето, а демократите, како што се очекуваше, не успеаја да обезбедат двотретинско мнозинство за да го прогласат за виновен.
Вкупно 57 сенатори гласаа дека Трамп треба да биде прогласен за виновен, а 43 гласаа дека тој не е виновен поттикнување на бунт односно за насилствата и упадот во зградата на Конгресот на 6 јануари при кои загинаа 5 лица.
Распоредот на силите во Сенатот е 50:50, на демократите им се приклучија седум сенатори од републиканската партија, но им недостигаа уште 10.
Постапката за импичмент ја поведоа демократите од Претставничкиот дом (Долниот дом на Конгресот) откако на 6 јануари се одржаа демонстрации во Вашингтон од поддржувачите на Трамп, кој се обрати пред нив со, според демократите потпалувачки говор. Потоа демонстрантите се упатија кон Капитол Хил, каде упаднаа и во зградата на Конгресот.
Откако Долниот дом изгласа импичмент, постапката се префрли во Горниот дом, каде започна судењето, но тогаш Трамп веќе не беше претседател.
Тој ја напушти функцијата на 20 јануари годинава, па овој импичмент секако не можеше да се искористи за негово отповикување, но беше важен бидејќи ако беше прогласен за виновен со двотретинско мнозинство, Сенатот можеше да гласа уште еднаш и со просто мнозинство да му забрани повторно да извршува висока функција. Тоа ќе значеше и дека нема да може да се кандидира на претседателските избори во 2024.
Сепак, овој импичмент на Трамп му обезбеди место во историјата по две основи. Тој стана првиот претседател за кој Претставничкиот дом изгласал отповикување во текот на еден мандат, како и единствениот за кого досега се водела постапка во Сенатот, а повеќе не е на функцијата.
Првиот импичмент за Трамп за кој гласаше Претставничкиот дом беше во декември 2019. Тогаш тој беше обвинет дека ги злоупотребил своите овластувања за да изврши притисок врз Украина да ги испита Џо Бајден и неговиот син Хантер, поранешен член на одборот на украинска енергетска компанија, и дека ја опструирал истрагата во Конгресот во врска со тоа прашање. И тогаш, по судењето кое потоа следуваше во Сенатот, постапката заврши во негова полза.