Распоредот на силите во Сенатот е 50:50, што значи дека 17 републикански сенатори би требало да им се придружат на демократите во гласањето, но, како што анализираат американските медиуми, тоа е малку веројатно, бидејќи само шест републиканци на првиот ден гласаа дека треба да има судење за Трамп
Демократите од Претставничкиот дом, кои ја имаат улогата на обвинители, завршија со дводневното изнесување докази во судскиот процес за импичмент на поранешниот американски претседател Доналд Трамп кој се одвива во Сенатот. Се очекува денеска адвокатите на Трамп да почнат со изнесување на аргументите на одбраната.
Демократите, презентирајќи ги своите докази, тврдат дека лицата што упаднаа во Конгресот на 6 јануари верувале дека ги следат „претседателските наредби“ за спречување на верификацијата на победата на демократот Џо Бајден. Гласот на Америка пренесува дека тие сметаат оти упадот во Капитол Хил бил смртоносна кулминација на ширењето лажна и насилна реторика на Трамп, која ќе продолжи да ѝ причинува штета на американската политика доколку не биде казнета.
Првите три дена од постапката во Сенатот беа фокусирани на неговата потпалувачка реторика, а вчера дел од демократите изнесуваа и свои лични приказни за стравот и насилството со кои се соочиле тој ден.
За Трамп да биде прогласен за виновен, потребно е двотретинско мнозинство од 100-члениот Горен дом на Конгресот (Сенатот). Распоредот на силите е 50:50, што значи дека 17 републикански сенатори би требало да им се придружат на демократите во гласањето, но, како што анализира „Ројтерс“, тоа е тешко остварливо, бидејќи само шест републиканци на првиот ден гласаа дека треба да има судење за Трамп. Тогаш се гласаше дали треба да има постапка за импичмент со оглед дека тој повеќе не е на функција. Ова судење е важно затоа што, ако биде прогласен за виновен, Сенатот може да гласа и да му забрани повторно извршување на висока јавна функција, што би значело дека нема да може да се кандидира за нов мандат во 2024 година.
„Ако тој се врати во канцеларијата и ова е случи повторно, нема да имаме никого да обвинуваме за тоа освен самите себе“,
порача Џејми Раскин завршувајќи ги аргументите кои се дел од обвинението на демократите против Трамп.
Со оглед дека денеска се очекува одбраната да започне со изнесување на своите аргументи, предвидувањата се дека судењето би можело да заврши до крајот на викендот.