Ова судење е важно затоа што доколу Сенатот го прогласи Трамп за виновен, може да гласа и за да му забрани да извршува висока јавна функција што би значело и дека нема да може да се кандидира за нов мандат на изборите во 2024 година
Во Сенатот на САД почна историскиот импичмент против поранешниот претседател Доналд Трамп, обвинет дека го поттикнал упадот на демонстрантите и своите приврзаници во зградата на Конгресот на 6 јануари годинава. Во овие нереди загинаа 5 лица.
Судењето во Сенатот (Горниот дом на Конгресот) следува речиси еден месец откако Претставничкиот дом гласаше за импичмент на тогаш актуелниот претседател Трамп, со што тој влезе во историјата како единствен претседател за кој Долниот дом на Конгресот два пати изгласал отповикување во текот на еден мандат. Трамп во меѓувреме ја напушти Белата куќа, а власта ја презеде Џо Бајден, па импичментот кој започна во Сенатот станува прв таков процес во историјата на САД против поранешен претседател.
На почетокот на постапката во Горниот дом, девет демократи презентираа видео на кое се гледа насилното однесување на демонстрантите кои упаднаа во Конгресот, односно како се уништуваат бариерите и се удираат полицајците. Насилните сцени од упадот, пренесува „Ројтерс“, ги прекинуваат инсерти од потпалувачкиот говор на Трамп дента на 6 јануари пред насобраните демонстранти во Вашингтон.
Првиот ден од судењето во Сенатот треба да заврши со гласање дали самата постапка на отповикување на Трамп е уставна или не со оглед дека тој веќе не е претседател.
Процесот од утре би требало да продолжи со тоа што двете страни, демократите и републиканците, ќе ги изнесат своите аргументи, а ќе можат и да гласаат дали ќе се повика некој сведок или не.
Сè уште не се знае колку би можел да трае целиот процес, но како што пишува „Би-би-си“, демократите би сакале да заврши што побргу затоа што сакаат понатаму да се фокусираат на усвојување на планот на претседателот Џо Бајден за закрепнување од коронакризата.
Демократите тврдат дека имаат „непобитни“ докази за вината на Трамп, сметаат дека тој носи и лична одговорност за нередите и мора да биде осуден, додека адвокатскиот тим на поранешниот американски претседател се очекува во одбраната да го нагласува ставот дека импичментот е спорен затоа што Трамп не може да биде „отповикан“ бидејќи повеќе не е претседател. Бранителите на поранешниот претседател досега излегоа и со став дека демонстрантите самоиницијативно го нападнале Конгресот, а оти процесот против него е „политички театар“ чија цел е да се замолчи политичкиот противник.
За Трамп да биде прогласен за виновен потребно е двотретинско мнозинство од вкупно 100 сенатори. Распоредот на силите е 50:50, па покрај демократите „за“ ќе треба да гласаат и 17 републиканци.
Ова судење е важно затоа што доколу Сенатот го прогласи Трамп за виновен, може да гласа и за да му забрани да извршува висока јавна функција што би значело и дека нема да може да се кандидира за нов мандат на изборите во 2024 година.
Првиот импичмент кој беше подигнат против Трамп беше во декември 2019 година. Тогаш Претставничкиот дом гласаше „за“, но потоа кога постапката се префрли во Сенатот, процесот заврши во негова полза. Тогаш Трамп беше обвинет дека ги злоупотребил своите овластувања за да изврши притисок врз Украина да ги испита Џо Бајден и неговиот син Хантер, поранешен член на одборот на украинска енергетска компанија, и дека ја опструирал истрагата во Конгресот во врска со тоа прашање.