„За“ гласаа 10 републиканци, меѓу кои и Елизабет Чејни, ќерката на поранешниот потпретседател Дик Чејни. Лидерот републиканците во Претставничкиот дом, пак, оцени дека Трамп е виновен, но гласаше „против“ бидејќи смета оти отповикувањето нема да придонесе во помирувањето туку ќе ги продлабочи поделбите
Претставничкиот дом на САД гласаше за импичмент на претседателот Доналд Трамп, со што тој влезе во историјата како единствен претседател за кој Долниот дом на Конгресот два пати изгласал отповикување во текот на неговиот мандат.
„За“ гласаа 221 пратеник од Демократската партија и дури 10 републиканци, иако очекувањата беа дека ќе гласаат помалку. „Против“ гласаа 197.
Сега постапката се префрла во Сенатот, Горниот дом на Конгресот, кој треба да спроведе судењето, а за Трамп да биде отповикан потребно е двотретинско мнозинство меѓу 100-те сенатори. Засега не е познато кога ќе започне постапката, но малку е веројатно дека Сенатот ќе го отповика Трамп со оглед дека му преостануваат уште осум дена од мандатот, како и тоа што Горниот дом сè уште е под контрола на републиканското мнозинство.
Трамп е обвинет дека го поттикнал бунтот на демонстрантите кои на 6 јануари упаднаа во зградата на конгресот и го „окупираа“ околу 4 часа, во период кога таму траеше седницата со која официјално се потврди победата на демократот Џо Бајден на изборите на 3 ноември 2020.
Првиот импичмент за Трамп за кој гласаше Претставничкиот дом беше во декември 2019. Тогаш тој беше обвинет дека ги злоупотребил своите овластувања за да изврши притисок врз Украина да ги испита Џо Бајден и неговиот син Хантер, поранешен член на одборот на украинска енергетска компанија, и дека ја опструирал истрагата во Конгресот во врска со тоа прашање. По судењето кое потоа следуваше во Сенатот, постапката заврши во полза на Трамп.
Досега ниту еден претседател на САД не бил „протеран“ од Белата куќа преку процесот на отповикување. Тројца – Трамп во 2019 година, Бил Клинтон во 1998 година и Ендру Џексон во 1868 година – беа отповикани во Претставничкиот дом, но беа ослободени од обвиненијата во Сенатот.
За Пелоси, Трамп е опасност за нацијата, лидерот на републиканците го обвини Трамп ама не гласаше „за“
Претседателката на Претставничкиот дом, Ненси Пелоси која е од редовите на демократите, во својот говор порача дека Трамп мора да биде отповикан бидејќи претставува закана за националната безбедност.
„Мора да замине. Тој е јасна опасност за нацијата која сите ја сакаме“,
рече Пелоси.
Лидерот на републиканците во Долниот дом, Кевин Мекартни, не гласаше за отповикување на претседателот бидејќи смета оти тоа нема да придонесе во помирувањето и ќе ги продлабочи поделбите во САД. Сепак, тој оцени дека Трамп е виновен за упадот во зградата на Конгресот во Капитол Хил.
„Претседателот е одговорен за нападот на толпата врз Капитол. Тој напад беше недемократски, неамерикански и криминален“,
рече Мекарти.
Меѓу републиканците во Претставничкиот дом, пак, кои уште од претходно најавија дека поддржуваат отповикување на Трамп, е и Елизабет Чејни, ќерка на поранешниот потпретседател Дик Чејни.
„Претседателот на САД ја повика оваа толпа, ја собра толпата и го запали пламенот на овој напад. Се што следуваше потоа беше негово дело“,
рече Елизабет Чејни во вчерашната изјава најавувајќи дека ќе гласа „за“.
Таа денеска не зборуваше на расправата во Претставничкиот дом, но демократите често во своите говори потсетуваа на нејзините забелешки за претседателот. Поради нејзиното отворено застанување против Трамп, Чејни се соочи и со повици за оставка од дел од републиканците.