Гласањето за отповикување на Трамп во Претставничкиот дом се очекува да се случи во секој момент, а ако се изгласа отповикување, тој ќе влезе во историјата како единствен претседател за кој било изгласано отповикување. Потоа, за импичментот треба да се изјасни и Сенатот
Додека се во Претставничкиот дом се расправа за негово отповикување, претседателот на САД, Доналд Трамп, повика да нема насилни демонстрации во пресрет на инаугурацијата на Џо Бајден на 20 јануари.
„Во насока на извештаите за нови демонстрации, апелирам дека не смее да има насилство, прекршување на законот или каков било вид на вандализам. Тоа не е она за што јас се залагам и не она за што се залага Америка. Ги повикувам сите Американци да помогнам во намалување на тензиите и смирување на темпераментот“,
вели Трамп за „Фокс њуз“.
Ова обраќање до американската јавност Трамп го направи преку изјава за „Фокс њуз“, додека на социјалните мрежи Фејсбук, Инстаграм и Твитер, како и на Јутјуб, тој е блокиран.
Во меѓувреме во Претставничкиот дом се води расправа за негово отповикување по обвинувањата за неговата улога и поттикнувањето на насилствата и упадот во Конгресот на 6 јануари.
Претставничкиот дом вчера со 223 гласа „за“ и 205 „против“ донесе резолуција со која го повика потпретседателот Мајк Пенс да започне процес на отстранување на претседателот согласно амандманот 25 од Уставот на САД. Овој амандман предвидува дека Пенс со мнозинството министри во владата можат да го прогласат Трамп за неспособен и во таков случај потпретседателот станува в.д. претседател. Пенс има рок од 24 часа да се изјасни, но бидејќи не се очекува дека ќе го направи тоа, со оглед и на неговите претходни изјави, резервна опција на демократите е постапката за импичмент.
Гласањето за отповикување на Трамп во Претставничкиот дом се очекува да се случи во секој момент, а ако се изгласа отповикување, тој ќе влезе во историјата како единствен претседател за кој било изгласано отповикување.
Потоа за ова со двотретинско мнозинство треба да се изјасни и Сенатот, но малку е веројатно дека Трамп ќе доживее импичмент со оглед дека Сенатот сè уште е под контрола на републиканското мнозинство, а и не е јасно дали има доволно време или политички волја за соборување на Трамп, кое треба да се случи пред крајот на неговиот мандат на 20 јануари кога ќе биде инаугуриран Џо Бајден.
Инаку, денешната седница на Претставничкиот дом е придружена со огромно обезбедување, а меѓу нив има и членови на Националната гарда, кои влегоа во Конгресот првпат по Граѓанската војна.