Надежите дека ќе биде прогласен за виновен се намалуваат и по денешната вест дека лидерот на Републиканската партија во Сенатот, Мич Меконел, најавил оти ќе гласа за ослободување на бившиот претседател
Сенатот на САД (Горниот дом на Конгресот) денеска гласаше „за“ барањето да се повикаат сведоци во постапката за импичмент која се води против сега веќе поранешниот претседател Доналд Трамп за неговата улога во нередите и упадот во зградата на Конгресот на 6 јануари годинава.
За денеска беше предвидено да се дадат завршните зборови од страна на демократските конгресмени, кои се во улогата на обвинители, и од одбраната на Трамп, како и да има гласање. Меѓутоа, претставникот на демократите од Претставничкиот дом (Долниот дом на конгресот), Џејми Раскин побара да се повикаат сведоци, барем републиканката Џејми Херера Батлер од Долниот дом, со оглед дека таа обелодени оти за време на упадот Трамп имал телефонски разговор со висок претставник на републиканската партија во која тогаш актуелниот претседател рекол дека демонстрантите се повеќе загрижени за изборните резултати отколку републиканските сенатори и конгресмени.
„За“ повикување сведоци гласаа 55 сенатори, а 45 беа „против“, што значи дека на 50-те демократи во Сенатот со своите гласови им се придружија уште 5 републиканци.
(ОБНОВЕНО) Забуна за што се гласало
Откако се дозволи и повикување на сведоци, настана забуна за што гласале сенаторите – дали за повикување на сведоци или дали да се дозволи дебата за повикување на сведоци.
„Треба да го потенцираме ова: Колку е апсурдно тоа што имаше сенатори кои гласаа и немаа идеја за што гласаат?“,
коментира правната аналитичарка Лора Коутс, за „Си-ен-ен“.
Сенаторите, сепак, се согласија во записникот од судењето да се внесе изјавата на конгресменката Батлер наместо да се повикуваат свеодци.
Откако се согласија и демократите-застапници на обвинението и одбраната на Трамп, изјавата во која се опишува телефонскиот повик, влезе во записникот. Со ова се отвори патот процесот да се приведе кон крај со давање заврши зборови на двете страни.
Зошто е важен импичментот со оглед дека Трамп ја напушти Белата куќа?
За Трамп да биде прогласен за виновен, потребно е двотретинско мнозинство од 100-те сенатори. Бидејќи силите се 50:50, на демократите треба да им се приклучат уште 17 републиканци, но тоа е малку веројатно. Надежите дека ќе биде прогласен за виновен се намалуваат и по денешната вест дека лидерот на Републиканската партија во Сенатот, Мич Меконел, најавил оти ќе гласа за ослободување на бившиот претседател бидејќи смета оти Горниот дом нема надлежност да води постапка за импичмент со оглед дека Трамп повеќе не е претседател.
Дали Сенатот е надлежен или не бидејќи заврши мандатот на Трамп, беше дилема која се наметна во американската јавност и на почетокот на судењето во рамки на импичментот. Сенаторите се изјаснија и мнозинството гласаа дека, сепак, може да се води постапка. Во случај Трамп да биде прогласен за виновен, што е малку остварливо, Горниот дом понатаму може да гласа за да му забрани повторно извршување на висока функција што би значело дека нема да може да се кандидира на изборите во 2024 година.
Трамп е единствениот претседател за кого се води судење во Сенатот по напуштањето на Белата куќа. Пред процедурата за импичмент да се префрли во Горниот дом, за отповикување гласаше и Долниот дом на Конгресот. Со тоа, тој стана и единствениот за кого два пати бил изгласан импичмент во Претставничкиот дом.
Првиот импичмент за Трамп за кој гласаше Претставничкиот дом беше во декември 2019. Тогаш тој беше обвинет дека ги злоупотребил своите овластувања за да изврши притисок врз Украина да ги испита Џо Бајден и неговиот син Хантер, поранешен член на одборот на украинска енергетска компанија, и дека ја опструирал истрагата во Конгресот во врска со тоа прашање. По судењето кое потоа следуваше во Сенатот, постапката заврши во полза на Трамп.