Коментирајќи ги критиките во јавноста дека резултатите од тестовите за ковид-19 се чекаат со денови, министерот за здравство Венко Филипче уверува дека здравствените власти развиле модел за забрзување на процесот.
Клучен фактор во тоа, вели тој, ќе имаат двете лаборатории – онаа во Институтот за судска медицина и лабораторијата во МАНУ, која уверува дека ќе биде ставена во функција од следната недела.
„Го најдовме моделот со вклучување на двете дополнителни лаборатории, пред се, лабораторијата во МАНУ која ќе има капацитет да прави 50 до 100 теста дневно. Системот на транспорт веќе е разработен. Ќе се праќаат тестови од сите болници каде се прави тријажа и проценка на пациентите. Со ова, тестовите ќе бидат готови истиот ден. Ќе се собираат претходната вечер, утрото до 12 часот да стигнат во лабoраторијата и во текот на попладнето да се сработат, практично тој капацитет од 100 теста на ден ќе биде искористен токму за оваа работа“,
изјави Филипче на попладневната прес-конференција.
Филипче објаснува дека лабораторијата во МАНУ се уште не била ставена во функција бидејќи, како што рече, тоа е „огромен предизвик“. Тој посочи дека периодов се работело на протоколите за работа и на опремување на лабораторијата за оваа функција.
„Да се трансформира една огромна лабораторија за нешто што никогаш не било предвидено, за вирус што е многу инфективен, бара многу интензивни подготовки и тоа некогаш бара време. Некогаш можеби сме биле сигурни дека ќе почне со работа за ден или два, па за време на подготовката на просторот, кадарот или реагенсите, излегол некој проблем. Секоја промена во здравствениот систем бара многу енергија и посветеност посебно во вакви услови“,
изјави Филипче.
Поврзани вести:
Летово ќе се прави скрининг на населението по старосни групи