Од синоќа е воведен и полициски час во Кабул, објави авганистанската агенција Кама прес. Според агенцијата, никој не смее да излегува од дома од 21 часот до зори, освен во итни случаи
Шефот на европската дипломатија Joсeп Борел вчера пред европратениците во Комисијата за надворешни работи изјави дека тоа што се случува во Авганистан е катастрофа за авганистанскиот народ, за европските вредности, довербата во Западот и за развојот на меѓународните односи
Само пет дена по падот на Кабул и прозападната авганистанска влада талибанците вчера и официјално го прогласија формирањето на Исламски Емират Авганистан и го сменија државното знаме, со што го реинсталираа системот на владеење во времето на првата талибанска власт од 1996 до 2001 година.
Авганистан ќе има врховен лидер и талибански совет, а се враќа и шеријатското право. Оваа одлука е денесена од раководството на талибанското движење, иако сите релевантни меѓународни организации побараа од нив да дозволат земјата да ја предводи инклузивна влада, во која ќе бидат застапени сите племиња, партии и социјални групи, а Советот за безбедност на Обединетите нации дури јасно нотираше и побара жените да бидат застапени во институциите, девојчињата да имаат право на образование, а медиумите на слободно информирање.
Од синоќа е воведен и полициски час во Кабул, објави авганистанската агенција Кама прес. Според агенцијата, никој не смее да излегува од дома од 21 часот до зори, освен во итни случаи.
„Членовите на авганистанскиот исламски емират воведоа полициски час во Кабул и објавија телефонски броеви во случај граѓаните да треба да заминат за време на забраната“,
наведува агенцијата, пренесува Тасс.
Во извештајот се наведува дека полицискиот час ќе биде во сила до ново известување.
Талибанците во изминатите денови, повеќе како проформа, оддржаа неколку средби со истакнати авганистански лидери, па затоа одлуката за формирање на емиратот се сфаќа како нивно натамошно цврсто играње на верскиот и религиозен елемент.
„Талибанците мора да одлучат дали сакаат да бидат признаени од меѓународната заедница“, изјави вчера американскиот претседател Џо Бајден, додавајќи дека не мисли дека групата ги променила своите основни уверувања.
изјави вчера американскиот претседател Џо Бајден, додавајќи дека не мисли дека групата ги променила своите основни уверувања.
Тој смета дека тие вооошто не се промениле во своето делување.
„Мислам дека тие минуваат низ некаква егзистенцијална криза: Дали сакаат меѓународната заедница да ги признае како легитимна влада? Не сум сигурен дека го сакаат тоа“,
рече Бајден и додаде дека му се чини дека групата е посветена само на своите уверувања.
Шефот на европската дипломатија Joсeп Борел вчера пред европратениците во Комисијата за надворешни работи изјави дека тоа што се случува во Авганистан е катастрофа за авганистанскиот народ, за европските вредности, довербата во Западот и за развојот на меѓународните односи.
Талибанската влада нема да има долг рок доколку ги повтори грешките од минатото, излезе вчера со предвидување делегација на истакнати авганистански лидери и функционери, предводена од претседателот на авганистанскиот парламент, Мир Рехман Рехмани. Тие овие свои предупредувања ги искажаа на средбата со новинарите во Исламабад, по средбата со пакистанскиот премиер Имран Кан и други владини и воени претставници.
Старо-новиот начин на делување на талибанците веќе изроди серија инциденти низ земјата, а непотрдените информации говорат и за повеќе загинати и повредени во судирите меѓу незадоволното локално население и талибанците. Неколку лица се убиени во градот Асадабад откако талибанците отвориле оган кон луѓето кои го вееле националното знаме по повод Денот на независноста, а сличен инцидент имало и во Џалалабад, при што три лица загинале, а десетина се повредени.
Ситуацијата е најтензична во долината Панџшир, каде е кренат бунт од досегашниот вицепремиер на падната авганистанска влада, Амрула Салех, и синот на починатиот командант Ахмад Масуд, кои успеале под своја команда да стават десетина илјади војници.
„Талибанците не ја контролираат целата територија на Авганистан. Добиваме информации за ситуацијата во долината Панџшир. Таму се концентрирани силите на движењето на отпорот на потпретседателот Салех и на Ахмад Масуд“,
изјави на прес конференција во Москва шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров.
По падот на прозападната влада, во неделата, земјата влегува во крајно неизвесна иднина и се соочува со невидена безбедносна и хуманитарна криза, во која илјадници Авганистанци, заедно со дипломатите и странците, се обидуваат да ја напуштат земјата, преку единствениот можен излез во моментов- аеродромот во Кабул. Американците наведуваат дека досега за пет дена евакуирале 7 000 лица, а проценките на релевантните агенции се дека во моментов најмалку 16 до 18 милиони Авганистанци се соочуваат со глад, а на светот сега му се заканува и бегалски бран.
Илјадници очајни Авганистанци кои се обидуваат да ја напуштат земјата се заглавени меѓу Талибанците и американскиот прстен околу аеродромот во Кабул. Војниците на НАТО се уште не можат да обезбедат нормална евакуација.
„Талибанците го контролираат надворешниот прстен околу аеродромот и се многу ефикасни во тоа. Многу луѓе се исплашени и очајни и имаат чувство дека имаат се помалку време. Се плашам дека ситуацијата ќе ескалира уште повеќе“,
изјави бригадниот генерал на германската армија Јенс Арлт.
Очајни родители се обидуваат да пренесат барем мали деца преку бодликава жица во забранетата зона, со цел да ги спасат од талибанските власти.
Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган ги повика европските земји да преземат одговорност за мигрантите што доаѓаат од Авганистан.
„Турција нема намера да стане европско складиште за мигранти“,
истакна турскиот претседател.
Следна е хуманитарната криза
Директорката на Агенцијата за храна во Обединети нации, Мери Елен МекГрути изјави дека хуманитарната криза во Авганистан претставува закана за 16 милиони луѓе, кои се соочуваат со глад откако талибанците ја презедоа власта.
„Повеќе од 40 проценти од посевите и добитокот се загубени поради сушата, стотици илјади луѓе се раселени поради офанзивата на талибанците, а зимата брзо се приближува. Во тек е трка за да се обезбеди храна таму каде е најпотребна“,
истакна МекГрути, при тоа апелира да сопрат судирите, а побара од донаторите да обезбедат 200 милиони долари кои се неопходни за да се достави храна во Авганистан.
Првите луѓе на главните агенции на ОН денеска ја повикаа меѓународната заедница да обезбеди финансиска поддршка за операциите за хуманитарна помош во Авганистан, односно да им помогне на 16 милиони луѓе.
„На авганистанскиот народ му е потребна нашата поддршка повеќе од кога било порано. Нашите организации се посветени на помагање и заштита. Ќе останеме во Авганистан и ќе ги исполниме ветувањата”,
се наведува во соопштението.
Тие ги повикаа донаторите да ги зголемат финансиските напори, бидејќи потребни се 1,3 милијарди долари за помош на 16 милиони луѓе во Авганистан.