Откако по 20 години талибанците се вратија на власт во Авганистан, фокусот на светската јавност е шеријатскиот закон, начинот на кој се применува, а особено што значи за жените и девојчињата.
По освојувањето на Авганистан, портпаролот на талибанците, Забихула Муџахид, конкретно се осврна на правата на жените и рече дека тие ќе ги имаат сите права во рамките на шеријатот.
„Ги гарантираме сите права на жените според шеријатските закони. Жените можат да работат во образование и здравство. Ако меѓународната заедница е загрижена, треба да знае дека нашите жени ќе ги имаат сите права според шеријатот. Нашите жени се муслимани и мора да го почитуваат шеријатскиот закон“,
рече Забихула.
Додека целиот свет жали за судбината на авганистанскиот народ, за кој се предвидува дека ќе се врати во темните денови на шеријатската диктатурата, претставниците на талибанците ги повикаа жените да се приклучат на нивната идна влада. Сепак, многумина се скептични за оваа драстична промена и веруваат дека со доаѓањето на талибанците, Авганистан е исклучително опасно место за жените.
Иако сѐ уште не е познато кои слободи ќе им бидат одземени на Авганистанките во иднина, кога Талибанците последен пат беа на власт (1996 до 2001 година), тие трпеа нехумана репресија. Револуционерната асоцијација на жени во Авганистан (RAWA) објави список на правила кои, како што велат од Асоцијацијата, „нудат само краток увид во пеколот во кој авганистанските жени беа принудени да живеат под талибанска управа“.
„Талибанците се однесуваат полошо кон жените отколку што се однесуваат кон животните. Иако е нелегално да се чуваат птици во кафези, Авганистанките беа заробени во своите куќи. Жените немаат значење во очите на талибанците, освен ако не се занимаваат со раѓање деца, задоволување на сексуалните потреби на мажите или со исцрпувачки домашни работи“.
велат од Револуционерната асоцијација на жени во Авганистан
Тие составиле список од 29 правила што талибанците ги вовеле кога последен пат владееја со Авганистан:
- Целосна забрана за работа надвор од домот. Само неколку жени доктори и медицински сестри можеа да работат во некои болници во Кабул. Но, сите други професии беа резервирани за мажи.
- Имаше целосна забрана за активности за жени надвор од домот, освен ако не беа придружени од близок машки роднина, како татко, брат или сопруг.
- Забрана за водење бизнис со машки трговци.
- На жените не им беше дозволено да бидат лекувани од машки лекари.
- На жените им беше забрането да студираат во училишта, универзитети или која било друга образовна институција.
- Жените мораа да носат бурки, долги превези што ги покриваат од глава до петици.
- Жените кои не беа облечени според талибанските правила или не беа придружени маж, беа камшикувани, тепани и навредувани.
- Доколку нивните глуждови не беа покриени, тие беа казнувани со тепање во јавност.
- Јавното каменување беше казна за жените обвинети за секс надвор од бракот.
- Употребата на козметика беше забранета. На многу жени со лакирани нокти им беа отсечени прстите.
- На жените не им беше дозволено да зборуваат или да се ракуваат со мажите, освен со сопругот или роднина.
- На жените не им беше дозволено да се смеат гласно.
- На жените не им беше дозволено да носат потпетици бидејќи мажот не треба да ги слуша женските чекори.
- На жените не им беше дозволено да патуваат со такси без шамија на главата.
- На жените им беше забрането да гостуваат на радио, телевизија или на јавни собири од секаков вид.
- На жените им беше забрането да спортуваат или да влегуваат во спортски центари или фитнес-клубови.
- На жените им беше забрането да возат велосипед или мотор, дури и со марами.
- На жените не им беше дозволено да носат облека со светли бои, односно, како што ги нарекуваа талибанците, „сексуално привлечни бои“.
- На жените им беше забрането да се собираат за празници, како што е Бајрам или за рекреативни цели.
- На жените им беше забрането да перат облека на река или на јавни места.
- Имињата на сите места што го содржеа зборот „жени“ беа сменети. На пример, „женската градина” беше преименувана во „пролетна градина”.
- На жените не им беше дозволено да се појавуваат на балконите од своите куќи.
- Беше задолжително да се обојат сите прозорци, за жените да не гледаат надвор од своите домови.
- На кројачите им беше забрането земаат мерки на жени или да шијат женска облека.
- На жените им беше забрането да користат јавни тоалети.
- На жените и мажите не им беше дозволено да патуваат со ист автобус.
- На жените не им беше дозволено да носат панталони, дури и под бурка.
- Беше забрането фотографирање или снимање жени.
- Беше забрането печатење фотографии на жени во весници или книги.