Стоилковски, денеска на прес-конференција ги повика сите 12 раководители на Хирургија, како што рече, да не се кријат од јавноста, туку одговорно да излезат и јавно да кажат колку операции и зафати се откажани, одбиени, препратени од Хирургија во овие 15 дена

Петнаесет дена нема абер од надминување на состојбата на Хирургија, темелот на системот и сржта на терциерното здравство, а тоа предизвика хаос на сите здравствени установи, и државни и приватни, коментираа и денеска од ВМРО-ДПМНЕ.
Според Наум Стоилковски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ, досега требало да се обзнани колку би чинела санацијата, но како што додава „веројатно уште нема таков план“.
Стоилковски, денеска на прес-конференција ги повика сите 12 раководители на Хирургија, како што рече, да не се кријат од јавноста, туку одговорно да излезат и јавно да кажат колку операции и зафати се откажани, одбиени, препратени од Хирургија во овие 15 дена.
„Колкава опасност и штета предизвикува системот на компримиран воздух, додека економскиот директор шета на Азурен брег со други од администрацијата, а министерот се крие“,
рече Стоилковски.
Стоилковски со име и со презиме ги прозва директорите на ТОАРИЛУЦ, пластична хирургија, урологија, неврохирургија, ортопедија и ургентен барајќи одговори од нив колку пациенти се вратени, одложени или препратени за, како што рече, да создаваат хаос во други болници.
Од директорот на Торакална, Неџат Јакупи, Стоилковски побара да каже колкумина пациенти биле на листата за операции за минатите 15 дена, а директорката на Детската хирургија, Славица Литајковска ја повика да каже за деца-пациенти, дали се оперирани со посебен потпис за одговорност на родителите.
За директорот на Клиниката за трауматологија Илир Хасани, рече „наместо да се расправа со спикерката на албанскиот парламент, да излезе за состојбите на Траума поврзани со неработењето на салите за операција особено што беше и заменик министер на Филипче“.
Стоилковски од директорката Маја Мојсова побара да каже за состојбата на КАРИЛ, дали ќе издржат надворешните системи, но и кога ќе има услови за да почне реновирањето потпишано пред скоро четири месеци.
„И во нивниот настап секако да има став и за заеднички служби и за министерот, и секако зошто не се избориле, односно дозволиле распад на Клиниката? Докторската и раководната титула не е само борба за плата, туку и борба за подобри услови за пациентите. Белиот мантил не носи само привилегии и титула, туку и одговорност пред пациенти, особено ако се прифати и директорска раководна позиција. Молкот е повеќе од срамен и е на ниво на соучество“,
додаде Стоилковски.
Хируршките сали во Клиничкиот центар во Скопје изминатите денови се затворени, а како причина за тоа е наведен непријатниот мирис кој се ширел во нив. Од Министерството за здравство до Обвинителството стигнало известување дека имало проблеми со функционирање на вентилацискиот систем во хируршките сали. Од Обвинителството, пак, известија дека предметот е распореден кај обвинител, кој треба да провери дали во овој случај има кривично дело, односно дали постои основа да поведе кривична постапка и против кого.
Министерот за здравство Илир Демири на прес-конференција минатата недела информираше дека поради „мистериозната“ непријатна миризба, мостри се испратени до странска фирма во Сојузна Република Германија која ќе го утврдува квалитетот на кислородот и компримираниот воздух од централниот систем на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“.
Дотогаш, како што посочи Демири, ќе се вршат хируршки интервенции кај итни и неодложни пациенти, а салите ќе се снабдуваат со кислород и компримиран воздух преку надворешни компресори кои се инсталирани во меѓувреме.
Другите полесни пациенти на кои им е потребна хируршка интервенција ќе се препраќаат во Клиниката „Св. Наум Охридски“ и во „8 Септември“.
Поради ситуацијата со хируршките сали во Клиничкиот центар, двојно е зголемен бројот на итни случаи на кои им се дава медицинска помош во Универзитетската клиника за хируршки болести „Св. Наум Охридски“.
