Тој оцени дека е срамно поради негрижа да пропадне Клиниката за хирургија, а пациентите да заминуваат во приватните болници, на своја или на сметка на државата
Откако колабира системот на одделите на хирургија во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, ниту еден од дванаесеттемина раководители и директори не се огласија во јавноста, коментираат денеска од ВМРО-ДПМНЕ. Според портпаролот на партијата Наум Стоилковски, ваквиот молк е срамно и неетичко однесување, „да се чека крај на мандат со скрстени раце, додека пропаста на Хирургија ги преоптовари сите болници во Македонија, а пациентите чекаат за операции“.
„Најмалку 12 оддели кои функционираат на Хирургија, најмалку 12 оддели кои не функционираат нормално веќе две недели, а нема ниту еден збор од 12 раководители и директори со звучни имиња за колапсот на терцијалното здравство. Збор за хаосот немаат ниту д-р Александар Трајановски од ТОАРИЛУЦ, ниту д-р Софија Пејкова од Пластична хирургија, ниту д-р Зоран Караџов од Абдомен, ниту д-р Сашо Дохчев од Урологија, д-р Александар Жупановски од Неврохирургија, збор нема ниту д-р Неџат Јакупи од Торакална, ниту д-р Славица Литајковска од Детска хирургија, збор нема од д-р Далип Јахија од Ортопедија, ниту д-р Никола Брзанов од Ургентен, ниту, пак, гласните д-р Илир Хасани од Траума, ексзаменик министер и партнер на Филипче во градба, или д-р Маја Мојсова од КАРИЛ, толку гласна и ангажирана Филипче да не даде оставка после трагедијата со тетовската модуларна болница“,
изјави Стоилковски на прес-конференција.
Тој оцени дека е срамно поради негрижа да пропадне Клиниката за хирургија, а пациентите да заминуваат во приватните болници, на своја или на сметка на државата.
„Немаат збор ниту министерот ниту овие дванаесетмина за економскиот директор којшто со екипа заминал на Азурен Брег, ниту, пак, за оние т.н. заеднички служби. Никој од нив не кажал ниту збор, ниту претходно ниту сега, откако системот колабираше. Срамно е за белиот мантил, политичката определеност на неколкумина да се определат за молк да е поважна од тоа да се помогне на пациент“,
рече Стоилковски и порача дека ќе има одговорност.
Хируршките сали во Клиничкиот центар во Скопје повеќе од десет дена се затворени, а како причина за тоа е наведен непријатниот мирис кој се ширел во нив. Од Министерството за здравство до Обвинителството стигнало известување дека имало проблеми со функционирање на вентилацискиот систем во хируршките сали. Од Обвинителството, пак, известија дека предметот е распореден кај обвинител, кој треба да провери дали во овој случај има кривично дело, односно дали постои основа да поведе кривична постапка и против кого.
Министерот за здравство Илир Демири на прес-конференција пред три дена информира дека поради „мистериозната“ непријатна миризба, мостри се испратени до странска фирма во Сојузна Република Германија која ќе го утврдува квалитетот на кислородот и компримираниот воздух од централниот систем на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“.
Дотогаш, како што посочи Демири, ќе се вршат хируршки интервенции кај итни и неодложни пациенти, а салите ќе се снабдуваат со кислород и компримиран воздух преку надворешни компресори кои се инсталирани во меѓувреме.
Другите полесни пациенти на кои им е потребна хируршка интервенција ќе се препраќаат во Клиниката „Св. Наум Охридски“ и во „8 Септември“.
Поради ситуацијата со хируршките сали во Клиничкиот центар, двојно е зголемен бројот на итни случаи на кои им се дава медицинска помош во Универзитетската клиника за хируршки болести „Св. Наум Охридски“.