Северна Македонија продолжила со подготовките на потребната документација за исполнување на условите за отворање на првиот кластер „Основи на процесот на пристапување“. Сепак, нема напредок во усвојувањето на уставните измени, предвидени со заклучоците на Советот на ЕУ од 2022 година
Претставувајќи го Пакетот за проширување за 2026 година во Брисел, еврокомесарката за проширување Марта Кос изјави дека Северна Македонија ја зголемила подготвеноста за членство во ЕУ и е меѓу земјите кандидати со највисоко ниво на усогласеност со европското законодавство
Амбасадорот на Европската Унија во Северна Македонија, Михалис Рокас, денеска ќе му го врачи на премиерот Христијан Мицкоски Извештајот на Европската комисија за напредокот на земјава.
По средбата, двајцата ќе одржат заедничка прес-конференција во Владата.

Во Извештајот, кој вчера беше презентиран во Брисел, се оценува дека Северна Македонија активно се вклучила во новиот План за раст за Западен Балкан и ги интензивирала активностите за реализација на неговите четири столба: интеграција во единствениот пазар на ЕУ, регионална економска интеграција, спроведување суштински реформи и зголемена финансиска поддршка.
Сепак, Европската комисија посочува дека останува потребата од спроведување на клучните реформи поврзани со евроинтегративниот процес.
Во делот на надворешната политика, Комисијата констатира дека земјава ја задржала целосната усогласеност со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, вклучително и во однос на руската агресија врз Украина. Според Извештајот, ова претставува потврда на стратешката определба на државата за членство во Унијата и нејзината улога како доверлив партнер.
Северна Македонија продолжила со подготовките на потребната документација за исполнување на условите за отворање на првиот кластер „Основи на процесот на пристапување“. Сепак, нема напредок во усвојувањето на уставните измени, предвидени со заклучоците на Советот на ЕУ од 2022 година.
Во извештајниот период продолжило и спроведувањето на Спогодбата за стабилизација и асоцијација. Комитетот за стабилизација и асоцијација одржал состанок во април 2026 година, прв по 2021 година. Европската комисија наведува дека земјава одржувала добри односи со останатите држави од процесот на проширување и продолжила да учествува во регионалните иницијативи.
Во односите со соседите, во Извештајот се нагласува дека постојните билатерални договори треба да се спроведуваат со добра волја од сите страни. Меѓу нив се наведени Преспанскиот договор со Грција и Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија.
Најсериозните забелешки се однесуваат на владеењето на правото и основните права, каде што е забележано умерено ниво на подготвеност и ограничен напредок. Европската комисија оценува дека нема напредок во превенцијата и борбата против корупцијата, која останува широко распространета и претставува сериозна причина за загриженост.
Особено се посочуваат доцнењата во постапувањето по предметите за корупција на високо ниво, од кои дел застаруваат. Тоа, според Комисијата, придонесува за создавање перцепција дека постои неказнивост.
Претставувајќи го Пакетот за проширување за 2026 година во Брисел, еврокомесарката за проширување Марта Кос изјави дека Северна Македонија ја зголемила подготвеноста за членство во ЕУ и е меѓу земјите кандидати со највисоко ниво на усогласеност со европското законодавство.
Таа посочи дека земјава го забрзала спроведувањето на реформите во рамките на Планот за раст, но дека се потребни дополнителни резултати во борбата против корупцијата и реформата на јавната администрација.
Кос повтори дека за деблокирање на пристапните преговори и отворање на првиот кластер „Основи“, Северна Македонија треба да ги усвои уставните измени договорени во 2022 година, со кои е предвидено внесување на малцинствата во Уставот.
Известувачот за Македонија во Европскиот парламент (ЕП), Томас Вајц на вчерашниот состанок на Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент, откако беше презентиран овогодишниот пакет за проширување на Европската Унија, ја повика еврокосмерската за проширување Марта Кос да вложи дипломатски напори за решавање на спорот меѓу Скопје и Софија.
Европската комисија во најновиот Извештај за Северна Македонија, во делот што се однесува на односите со Грција оценила дека членови на Владата и високи државни функционери во одредени случаи не постапуваат во согласност со Преспанскиот договор, вклучително и преку некористење на уставното име на државата, што може да има негативно влијание врз добрососедските односи.
Во документот се наведува дека соработката со јужниот сосед продолжува во повеќе области, особено во економијата, инфраструктурното и енергетското поврзување, туризмот и културата. Сепак, Комисијата потенцира дека е неопходно доследно спроведување на билатералните договори.
„Спроведувањето на билатералните договори во добра верба, вклучително и Преспанскиот договор, останува од суштинско значење. Членови на Владата и високи функционери во одредени случаи не го почитуваат Договорот, вклучително и со некористење на уставното име на државата, што ризикува да влијае врз добрососедските односи“,
се наведува во Извештајот.
Европската комисија не посочува конкретни функционери ниту нивни изјави, но забелешката доаѓа во период кога употребата на уставното име и почитувањето на Преспанскиот договор беа повод за повеќе реакции од официјална Атина.
