„Уште еднаш да бидам јасен, на овие луѓе треба да им се даде шанса, тие луѓе завршиле соодветно образование и ги исполнуваат сите законски услови да можат во соодветна постапка да бидат избрани за судии и јавни обвинители“, вели државниот јавен обвинител
Републичкиот jавен обвинител Љубомир Јовески смета дека не треба да се фрла и да предизвикува сомнеж тоа што меѓу кандидатите од седмата генерација што ја завршија Академијата за судии и јавни обвинители се најдоа синови, сопружници и други блиски родни на актуелни високи политички функционери и делители на правдата. Меѓу нив најзвучни се имињата на Барлет Џафери, син на собранискиот спикер Талат Џафери и Албулена Абази, сопруга на шефот на Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, Ислам Абази.

Овие лица, како што изјави Јовески, се запишале на Академијата под многу строги критериуми и со успех ја завршиле.
„Лицата кои ги спомнувате учествувале на огласот за упис во Академијата на судии и јавни обвинители на кој има многу строги критериуми, покажале соодветни резултати и биле примени во Академија, со успех ја завршиле и според тоа јас апсолутно не гледам никаква причина да се фрла сомнеж на овие млади луѓе. Вчера беше нивната промоција во салата на Врховниот суд. На овие млади луѓе им ја предочив одговорноста со која се соочуваат, на тежината на носењето на судската и на обвинителската тога, на одговорноста, но истовремено и на гордоста да се носи тогата“,
изјави Јовески прашан дали непотизмот може да направи некакви проблеми во борбата против корупцијата.
Според државниот јавен обвинител, на овие луѓе треба да им се даде шанса и во соодветна постапка да бидат избрани за судии и јавни обвинители.
„Уште еднаш да бидам јасен, на овие луѓе треба да им се даде шанса, тие луѓе завршиле соодветно образование и ги исполнуваат сите законски услови да можат во соодветна постапка да бидат избрани за судии и јавни обвинители. Советот на јавни обвинители имаше распишано оглас, јас немам информација кој сè се има јавено на овој оглас, а вчера разбрав дека и Судскиот совет распишал оглас за пополнување на упразнети места во судовите во државата“,
рече Јовески одговарајќи на новинарски прашања по потпишувањето на протоколот за соработка меѓу Министерството за внатрешни работи и Јавното обвинителство.
Инаку, вчера, на свеченост во Врховниот суд, на кандидатите на седмата по ред генерација која ја заврши Академијата за судии и јавни обвинители им беа врачени уверенијата.
Тие се најдоа во рацете на вкупно 58 кандидати, од кои 30 ја завршија Академијата како судии, а останатите 28 се здобија со потребните квалификации да гонат криминал и корупција како обвинители.
На свеченоста не беа поканети медиумите, односно јавноста, иако главните учесници на неа – кандидатите за идни судии и обвинители својата работа и одлуките што ќе ги носат ќе бидат во името на граѓаните.
Покрај синот на Џафери и сопругата на Абази, меѓу идните судии и обвинители кои ја завршија Академијата се: Билјана Иванова, снаа на генералната секретарка на Собранието, Цветанка Иванова; Симона Муцунски-Бубевска, сопруга на градоначалникот на Аеродром, Тимчо Муцунски; Билјана Смаќоска, ќерка на пензионираната обвинителка Гордана Смаќоска; Драган Јосифовски, син на обвинителката Елизабета Јосифоска, која своевремено ѝ беше заменичка на Катица Јанева во СЈО.
Судскиот совет вчера на 436. седница распиша оглас за вработување на 31 судија низ повеќе основни судови низ внатрешноста на државата, но ниту едно место за во Скопје: шест за Прилеп; четири за Струга; по три за Битола и Кичево; по две за Крушево, Охрид, Тетово, Делчево, Радовиш и Берово; како и по едно место за Куманово, Струмица и Свети Николе.
Претходно на почетокот на март оглас распиша и Советот на јавни обвинители. Тие распишаа оглас за прием на 31 обвинител, иако има само 28 завршени кандидати. Идентично, како и Судскиот совет, и тие огласот го распишаа само за јавните обвинителства во внатрешноста на државата.
Според дискусијата која тогаш можеше да се слушне на седницата, членовите на Советот решија дека е поважно да се доекипираат обвинителства кои се најкритични со кадар, односно оние на кои им фалат обвинители и од каде што има кандидати кои ја завршија Академијата.
Неодамна првата антикорупционерка, Билјана Ивановска, изјави дека Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) нема механизам со кој ќе може да испита како блиски роднини на функционери, судии и обвинители ја завршиле Академијата за судии и јавни обвинители, но може да внимава во однос на нивната распределба во институциите.
„Од наш аспект, како Антикорупциска комисија останува како превентива да се внимава на распределбата на овие обвинители и судии, во кои судови и обвинителства ќе се распределат, да не бидат во близина на свои блиски лица, со цел колку-толку да се намали влијанието“,
изјави Ивановска на 23 февруари, додавајќи дека само оддалечувањето на политиката од професионалноста може да ја спаси оваа држава.