Двата македонски аеродрома – во Скопје и Охрид, во првата половина од годината опслужиле повеќе од два милиони патници, поради што очекува до крајот на годината да биде достигната бројката од четири милиони патници
Со новиот авион се воведуваат дополнителни фреквенции на постојните линии кон Берлин, Дортмунд и Малме, како и новите линии до Алгеро и Палермо
Авиокомпанијата „Визер“ ја прошири својата база на Меѓународниот аеродром „Скопје“ со седми авион што претставува значаен чекор за натамошен развој на воздушниот сообраќај, зголемување на поврзаноста на земјата и раст на патничкиот сообраќај.

Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, на промоцијата на новиот авион, оцени дека станува збор за едно од најголемите достигнувања во развојот на македонското воздухопловство.
„‘Визер‘ ја проширува својата база во Скопје со седми авион. Ова е големо достигнување и нешто со што не можат да се пофалат ниту многу национални авиокомпании. Затоа често велам дека ‘Визер‘ практично стана национален авиопревозник на Македонија“,
рече тој.
Посочи дека авиокомпанијата лани превезла 1,7 милиони патници, а во првите шест месеци од годинава веќе 1,2 милиони.
Според него, двата македонски аеродрома – во Скопје и Охрид, во првата половина од годината опслужиле повеќе од два милиони патници, поради што очекува до крајот на годината да биде достигната бројката од четири милиони патници.

Потсети дека неодамна се воведени новите линии до Алгеро и Палермо, а најави и нови летови од Вроцлав и Катовице до Охрид.
Генералниот директор на ТАВ Македонија, Неџат Курт, оцени дека додавањето на седмиот авион е потврда на довербата во македонскиот пазар и во долгогодишното партнерство меѓу ТАВ Македонија и „Визер“.
„Овој седми авион е многу повеќе од оперативна одлука. Тој е потврда за довербата во нашиот пазар и во партнерството што го градиме со ‘Визер‘, но и сигнал за доверба во иднината на македонскиот воздухопловен сектор“,
кажа тој.
Според него, дополнителниот авион ќе овозможи повеќе летови, нови дестинации и поголем избор за патниците, а позитивните ефекти ќе се почувствуваат и во туризмот, транспортот, угостителството и трговијата.
Аеродромите во Скопје и Охрид, како што додаде, во првите шест месеци од годинава опслужиле речиси два милиони патници и реализирале повеќе од 13 000 летови, што претставува раст од 28 отсто на патничкиот сообраќај и 7,6 отсто на бројот на летови во споредба со истиот период лани.
Офицерот за развој на авиолинии во „Визер“, Андраш Сабо, истакна дека компанијата продолжува да го зголемува своето присуство во Северна Македонија.
„Пред помалку од една година го најавивме шестиот авион, а денеска го потврдуваме и седмиот, што значи уште повеќе летови и уште повеќе можности за Македонија“,
вели Сабо.
Со новиот авион се воведуваат дополнителни фреквенции на постојните линии кон Берлин, Дортмунд и Малме, како и новите линии до Алгеро и Палермо.
Во изминатата година, „Визер“ воспоставила повеќе од 15 нови линии со земјава, меѓу кои и летовите од Катовице и Вроцлав до Охрид, како и линијата Милано – Охрид. Во летната програма се вклучени и нови дестинации од Скопје кон Мадрид, Стокхолм, Ларнака, Неапол и Бари.
