„Доколку не успеат веднаш да воспостават контакт со бројот 112, граѓаните можат и во текот на утрешниот ден да пријавуваат материјална штета, по што пријавите ќе бидат евидентирани и доставени до надлежните служби за понатамошно постапување“, вели директорот на ЦУК
Поради силното невреме што попладнево го зафати Скопје, на Единствениот број за итни случаи 112, во периодот од 17 до 21 часот се примени повеќе од 8 300 повици, соопштија вечерва од Центарот за управување со кризи (ЦУК).

Директорот на ЦУК, Мухамед Али соопшти дека операторите работат во полн капацитет, како и дека уште во првиот час по невремето се ангажирани и дополнителни смени со цел да се одговори на зголемениот број на повици.
„Се уште има зголемен интензитет на повици од граѓаните, а сите пријави континуирано се обработуваат и се проследуваат до надлежните институции и служби“,
вели тој.
Апелира до граѓаните за трпение и разбирање поради исклучително големиот број на повици.
„Доколку не успеат веднаш да воспостават контакт со бројот 112, граѓаните можат и во текот на утрешниот ден да пријавуваат материјална штета, по што пријавите ќе бидат евидентирани и доставени до надлежните служби за понатамошно постапување“,
кажа директорот.
Во соопштението до медиумите, од ЦУК испратија и фотографија од просторијата во која операторите ги примаат повиците, а во која присуствува и директорот.
Невреме што попладнево, нешто по 17 часот, го зафати главниот град предизвика материјалните штети во повеќе населби. Од објавите на граѓаните на социјалните мрежи може да се заклучи дека невремето силно ги погоди населбите Карпош, Аеродром, но и Градскиот парк.
Поради паднати гранки, дрвја или лимови од покриви на згради блокирани беа булевари и улици, а штета е направена и на возила.
