Според него, наративот и политичките релации не оставаат голем простор за соработка меѓу мнозинството и опозицијата за нормално функционирање на парламентот
Долгогодишниот пратеник од ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски смета дека Собранието е во криза, со оглед на тесното владејачко мнозинство и на настанатата состојба со вирусот ковид-19, од кој во моментов се заразени двајца пратеници – Исмаил Јахоски од ДУИ и Лазе Таневски од ВМРО-ДПМНЕ.
Коментарот на Димовски е во контекст на во моментов актуелното прашањето дали парламентот треба да заседава и одлучува преку онлајн седници, што според него, е противуставно.
Тој својот став го образложува и со цитат на членот 69 од Уставот во кој се наведува оти Собранието може да работи ако на седницата присуствуваат мнозинството од вкупниот број на пратеници, а се повикува и на членот 95 од Деловникот за работа на законодавниот дом.
„Идејата за онлајн седници на Собранието е спротивна и неостварлива, посебно во делот на одлучување, и за Деловникот за работа на Собранието кој во својот член 95, став 1, вели дека ’Собранието може да одлучува ако на седница присуствува мнозинство од вкупниот број пратеници‘, а во истиот член, но став 2 се вели дека ’Собранието одлучува со мнозинство гласови од присутните пратеници, а најмалку со една третина од вкупниот број пратеници, ако со Устав не е предвидено посебно мнозинство‘“,
посочува Димовски.
Според него, не е проблем тоа што Уставот не дозволува онлајн работа на Собранието, туку проблем е малата и тесна поддршка што оваа Влада ја има во парламентот, алудирајќи на тесното мнозинство односно тоа што новата Влада беше избрана со 62 гласа од пратениците.
За се смени начинот на работа на Собранието, порачува Димовски, треба да се смени и Уставот, но затоа постојат политички начини. Сепак, и тоа е тешко бидејќи според него наративот и политичките релации не оставаат голем простор за соработка меѓу мнозинството и опозицијата за нормално функционирање на парламентот.
„Од една страна, Владата треба да понуди политичка платформа за справување со кризата, но тоа ќе подразбира висок степен на компромисност со опозицијата за начинот на справување со кризата (здравствена и економска), па и за поставеноста на органите кон оваа криза. Но, од друга страна доколку опозицијата одлучи да ја сподели одговорноста со власта за сегашната нефункционалност на институциите, во услови во кои е маргинализирана, тогаш ќе мора да спреми сериозна аргументација пред своето гласачко тело кое секако нема со добар дух да прифати споделена одговорност со власт која за нив е неспособна, неодговорна и штетна за државата“,
вели Димовски.
Наспроти тврдењата на експратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, претставници на актуелната власт, пак, очекуваат законодавниот дом да почне да работи онлајн.
Министерот за здравство Венко Филипче вчера порача дека пратениците треба да се реорганизираат и да работат од дома – онлајн додека не стивне пандемијата.
„Пратениците треба да се свесни дека на тој начин го штитат нивното здравје. Нема потреба од групирање, нема потреба од преземање на таков ризик“,
изјави вчера Филипче.
Набргу по министерот, со изјава дека очекува парламентот да работи онлајн излезе и премиерот Зоран Заев. Тој најави дека владата утре ќе одржи онлајн седница и рече дека очекува на истиот начин да се реорганизира и Собранието. Тој изрази уверување дека власта и опозицијата ќе се договорат да работат онлајн и на таков начин да биде изгласан и Буџетот.
„Ние сè уште немаме лице со симптоми или заразено, но, по препорака на министерот Венко Филипче и Комисијата за здравствена заштита, ни беше укажано дека согласно бројките треба да се подготвиме за онлајн владини седници. Верувам дека и Парламентот ќе биде многу разумен и ќе ја воспостави онлајн работата затоа што тоа го направија, колку што гледам, речиси сите парламенти и во регионот и во Европа“,
рече Заев.
Сепак, актуелното раководство на ВМРО-ДПМНЕ, не ја поддржува ваквата идеја. Портпаролот на партијата Димче Арсовски вчера уште еднаш потврди дека нивниот став е оти тоа е противуставно и не се потребни егзибиции.