„И Венко и Жерновски знаат дека матните зделки завршија со нивниот пад во 2024 година, и всушност тоа е што ги боли, што повеќе не може да крадат пари со луѓето од Вучиќ со кои местеа милионски тендери“, велат од владејачката партија

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ преку писмена реакција ја обвини опозициската СДСМ дека изнесува лажни обвинувања и клевети поради страв од одговорност за нивното минато работење.
Реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ доаѓа по денешната прес-конференција на секретарот за меѓународна соработка на СДСМ, Андреј Жерновски, кој ги обвини премиерот Христијан Мицкоски, гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, и Јавното обвинителството дека молчат во врска со наводите дека по изборниот пораз на Александар Вучиќ во Србија во земјава се префрлаат големи суми пари преку Алта банка.
Во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ се вели дека Жерновски е испратен од лидерот на СДСМ, Венко Филипче за да изнесува лажни обвинувања.
Од партијата наведуваат дека со падот на претходната власт во 2024 година завршиле, како што ги нарекуваат, „матните зделки и местењето милионски тендери“.
„И Венко и Жерновски знаат дека матните зделки завршија со нивниот пад во 2024 година, и всушност тоа е што ги боли, што повеќе не може да крадат пари со луѓето од Вучиќ со кои местеа милионски тендери. Вистинскиот страв е кај неговиот шеф Венко, кој е свесен дека остатоците во обвинителството и судството не може вечно да го спасуваат од криминалите, како што имаа обид да го спасат за модуларната болница“,
се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.
Од владејачката партија дополнуваат и дека опозициските функционери се плашат од правдата и одговорноста што полека ги стигнува, обвинувајќи ги за слугување заради личен интерес, поради што, според нив, ја изгубиле довербата кај граѓаните.
„И сега, кога кругот кој започна со нивниот пад од 2024 година, па се одразува во Србија кај Вучиќ на кого му постилаа црвени килими и лудуваа до рани зори со кого и пејачите омилени им се заеднички, се плашат од одговорноста која полека ги стигнува“,
се додава во реакцијата од ВМРО-ДПМНЕ.
