ВМРО-ДПМНЕ останува на ставот дека Собранието не треба да работи онлајн. Според опозициската партија тоа е спротивно на Уставот и нема потреба од такви егзибиции.
„Тоа е против Уставот и во него јасно пишува дека Собранието може да заседава и да одлучува и да работи доколу мнозинството од пратениците е присутно на седницата. Така што, апсолутно онлајн заседавање на Собранието е неприфатливо за ВМРО-ДПМНЕ и е противуставно. Впрочем, СДСМ како политичка партија која е на власт заедно со нејзината коалиција имаат формирано мнозинство и нема причина зошто би се правеле вакви егзибиции кои се противуставни и не ни може да се изведат“,
изјави денеска портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Димче Арсовски.
Тој вели ако власта го направи тоа, ВМРО-ДПМНЕ ќе го сфати тоа дека мнозинството не може да заседава полноправно бидејќи нема доволно мнозинство.
Денеска, пак, и премиерот Зоран Заев и министерот Венко Филипче порачаа дека очекуваат Собранието да почне со онлајн работа.
Позитивни на ковид-19 во моментов се двајца пратеници. Исмаил Јахоски од ДУИ кој е хоспитализиран на Инфективната клиника во Скопје, и Лазар Таневски од СДСМ.
Од Собранието денеска не се огласија дали завршиле епидемиолошките анкети и дали и колку пратеници ќе треба да се изолираат.