Во врска со набавката на видеолотариските терминали, сведокот кој бил член на Управниот и Надзорниот одбор на АД „Државна лотарија“ рече дека за идејата бил информиран лично од Бајрами, а за спроведената постапка дознал непосредно по нејзиното завршување од лица кои биле членови на комисии задолжени за спроведување на постапките
Бранителот на Бајрами, адвокатот Еленко Миланов, по рочиштето изјави дека за набавката на видеолотарските терминали постоеле одлука од Надзорниот одбор и заклучок на Владата, кои, како што рече, се органи повисоки од Управниот одбор
Поранешниот директорот на „Државна лотарија“, Перпарим Бајрами, имал пријателски односи со ексвицепремиерот Артан Груби, доаѓале од иста политичка партија, учестувале на партиски собири и го нарекувал „шефот“. Вака го објасни односот помеѓу Бајрами и Груби, сведокот на Обвинителството, Андреја Крстевски, кој денеска сведочеше во продолжение на судскиот процес за злоупотрeбите во државното акционерско друштво.

Крстевски, кој бил член на Управниот и на Надзорниот одбор на АД „Државна лотарија“, а во одреден период и заменик-директор, сведочеше за начинот на донесување одлуки во претпријатието, како и за постапката за набавка на видеолотарските терминали (ВЛТ), пренесе МИА.
Одговарајќи на прашања на Обвинителството, сведокот изјави дека додека тој бил член на Управниот и на Надзорниот одбор на компанијата, функцијата генерален директор ја извршувала Катица Николовска-Прнакова, додека Перпарим Бајрами бил нејзин заменик. Според него, во мандатот на Николовска-Прнакова одлуките биле дополнително образложувани, додека подоцна членовите на органите можеле да се консултираат со правната служба.
Во врска со набавката на ВЛТ терминалите, Крстевски рече дека за идејата бил информиран лично од Бајрами.
„За набавката на ВЛТ терминалите директорот Перпарим Бајрами ме повика во неговиот кабинет каде што ми беше претставена идејата. Сметам дека ние како членови на Управниот одбор требаше да се изјасниме по оваа точка“,
изјави сведокот.
Тој додаде дека за спроведената постапка дознал непосредно по нејзиното завршување од лица кои биле членови на комисии задолжени за спроведување на постапките.
„Мислам дека не беа ставени во функција, се чекаше за нивни решенија, беа ставени во некој наш магацин“,
рече тој во одговор на прашање каде се сега терминалите.
На прашање што му е познато за односот меѓу Бајрами и Груби, Крстевски одговори дека тие биле во пријателски односи, доаѓале од иста политичка партија, учествувале на партиски собири и дека Бајрами за Груби се обраќал како за „шефот“.
Во вкрстеното испрашување од страна на обвинетиот Бајрами, сведокот потврди дека членовите на Управниот одбор при одлучувањето се потпирале на мислењата и насоките од правната и финансиската служба. На прашање дали поранешната директорка имала блиски релации со „Казинос Австрија“, сведокот одговори потврдно.
Бранителот на Бајрами, адвокатот Еленко Миланов, по рочиштето изјави дека за набавката на видеолотарските терминали постоеле одлука од Надзорниот одбор и заклучок на Владата, кои, како што рече, се органи повисоки од Управниот одбор.
Според Миланов, сведокот потврдил дека терминалите биле предвидени во финансискиот план и планот за јавни набавки, како и дека сè уште се наоѓаат во сопственост на „Државна лотарија“.

„Не постои никаква пречка овие апарати да бидат пуштени во употреба, да бидат отстапени или продадени на правни субјекти кои што имаат лиценци за приредување на такви игри на среќа. Со тоа, не може да зборуваме за постојење на штета, особено, оно што ќе го чуете од вештите лица, е дека вредността на овие апарати, иако се година и нешто во магацинот на ‘Лотарија’, е значително, околу 40-50 проценти повисока во овој момент“,
рече Миланов.
Во предметот „Државна лотарија“, покрај Артан Груби и Перпарим Бајрами, обвинети се и Башким Авди, Методија Димовски, Скендер Мехмети, Бојан Јанев, Фатмир Рамадановски и Александар Димитриоски.
Според обвинението, тие се товарат дека со пречекорување на службените овластувања предизвикале штета на АД „Државна лотарија“ во износ од 596 125 511 денари, односно околу 9,7 милиони евра. Груби се гони дека во својство на тогашен вицепремиер, претседавал со владината седница на која според обвинителниот предлог предложил да се усвои одлука со која на „Државна лотарија“ ѝ се дава зелено светло да купи видеолотариски терминали и да започне со самостојно приредување игри на среќа, иако ова право уште во 2013 година било вложено како непаричен влог од 6,2 милиони евра во основањето на заедничката компанија „Државна видеолотарија на Република Македонија – КАСИНОС АУСТРИА“, каде АД „Државна лотарија“ поседува 51 отсто од уделот.
Обвинението го застапуваат јавните обвинители Даниел Коцев и Александар Давчевски, а судската постапка ја води судијката Билјана Шуплиновска-Јовевски. Следното рочиште треба да се одржи на 6 ноември.
