Како што соопштија од Обвинителството, од прибраниот доказен материјал произлегло дека тројца од веќе осомничените лица сториле уште две кривични дела, оштетувајќи го буџетот за над 6,6 милиони денари
Освен наредбата за спроведување нова истражна постапка, Обвинителството бара од судот и продолжување на мерките за обезбедување присуство, со оглед на тоа што за неколку дена истекува притворот на поранешниот генерален секретар на Владата
Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција донесе нова наредба за спроведување истражна постапка против три лица, постапувајќи во предметот против четворицата осомничени за набавка на софтвер и работи за потребите на софтверот.
Како што соопштија од Обвинителството, од прибраниот доказен материјал произлезе дека тројца од веќе осомничените лица сториле уште две кривични дела. Првоосомничениот се товари дека во периодот 2017-2019 година, при спроведување на постапка за јавна набавка, потпомогнат од другите двајца осомничени, ја злоупотребил службената положба и овластување. Исто така, како што се посочува, првоосомничениот со умисла, помогнат од второосомничениот, во периодот 2019-2021 година, за себе прибавил противправна имотна корист во поголем износ со што двајцата сториле кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување од чл. 353 ст. 2 в.в. со ст. 1 од Кривичниот законик.
Имено, во периодот 2017-2019 година, првоосомничениот, како службено лице при спроведување на постапка за јавна набавка искористувајќи исти можности, со умисла извршил две временски поврзани дејствија со помош на останатите двајца осомничени. Со преземените дејствија, спротивно на начелото за економичност, ефикасност и ефективно користење на јавните средства, за економски оператор прибавиле корист – право да учествува во постапка за јавна набавка и да склучи договор за истата на износ од 6 455 816 денари со вклучен 18% ДДВ. Воедно, без да се испочитуваат одредбите од Законот за јавни набавки, во втората половина на 2017 година, без спроведена постапка за јавна набавка, првоосомничениот извршил плаќање по разни основи на правно лице сопственост на третоосомничениот во вкупен износ од 168 100 денари или 2 720 евра. Со дејствијата е нанесена штета на буџетот во вкупен износ од 6 623 916 денари.
Според наодите на Обвинителството, во периодот од мај 2019 година до февруари 2021 година, првоосомничениот го искористил службеното овластување и со умисла, помогнат од второосомничениот, склучил два авторски договори за кои на месечно ниво на второосомничениот му бил исплаќан нето-износ од 80 000 денари. Согласно претходен договор меѓу двајцата осомничени, паричните средства биле делени во сооднос 5:3, во корист на второосомничениот, со што првоосомничениот за себе прибавил противправна имотна корист во поголем износ од вкупно 590 000 денари.
Кон средината на април Обвинителството отвори истрага против четворица за набавката на софтверот за сообраќајни прекршоци што не го користи ниедна институција. Тие се осомничени за злоупотреба на службената положба и овластување од чл. 353 ст. 5 в.в. со ст. 1 од Кривичниот законик. Поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски, како првоосомничен, се товари дека во периодот од јануари 2019 година до јули 2020 година, како службено лице, помогнат од другите осомничени, со умисла извршил три временски поврзани дејствија, што претставуваат повеќекратно остварување на исто дело. Пред спроведување на постапката за јавна набавка на софтвер, првоосомничениот ја договорил набавката на софтверот со третоосомничениот доставувајќи сопствен патент за кој дал насоки за изготвување на техничка спецификација за јавната набавка.
Заедно со наредбата, надлежниот јавен обвинител до Основниот кривичен суд – Скопје, достави и предлог за продолжување на претходно определените мерки спрема осомничените. Рашковски на 21 април доби 30-дневен затворски притвор.
Шефицата на Обвинителството за организиран криминал Вилма Русковска, пред десетина дена, најави можно проширување на истрагата за Рашковски посочувајќи дека се собира документација и се сослушуваат сведоци за набавка на уште еден софтвер.